Летниот одмор во Грција за едно семејство од Србија заврши со неочекуван трошок и непријатно искуство при напуштањето на земјата, а сето тоа поради правила што многу возачи често ги игнорираат или свесно ги прекршуваат.
Член на Фејсбук група посветена на летувањето во Грција го сподели искуството што го доживеале за време на рутинска сообраќајна контрола во близина на Јанина.
Според авторот на објавата, полицијата ги запрела на наплатната рампа во близина на Јанина за редовна контрола.
Иако ситуацијата на прв поглед изгледала нормално, сообраќајните полицајци набрзо забележале прекршок на задното седиште.

„Казната за појас на задното седиште изнесува 150 евра. Две деца беа врзани, но третото не беше бидејќи спиеше. Рутинска контрола – не сакаа ни да слушнат за оправдувања“, објаснува возачот.
Иако не сакале да гледаат низ прсти за самиот прекршок, грчките полицајци направиле отстапка за возачот да не претрпи потешки последици.
Наместо на име на возачот, казната била напишана на име на сопатникот.
„Ја напишаа казната на сопатникот за да не ми ја одземат возачката дозвола“, се наведува во објавата.

Семејството наведува дека не ја платиле казната на лице место, ниту во најблиската пошта, но и покрај стравот, успешно ја минале границата при напуштањето на Грција.
„Не плативме и се вративме дома преку граничниот премин Евзони, иако очекувавме дека таму ќе ни ја наплатат. Веројатно прекршокот сè уште не бил внесен во системот“, заклучува авторот.







