Клековски: Околу 4.000 заболени во Гостивар, бројот на нови случаи опаѓа, но водата сè уште не е безбедна

Макфакс

25/07/2026

17:20

184

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство Сашо Клековски ја посети болницата во Лешок и информираше дека епидемијата во Гостивар се стабилизира, со намалување на бројот на нови случаи, но водата од градскиот водовод сè уште не е безбедна за употреба поради недоволно ниво на хлор.

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ја посети Специјалната болница за белодробни заболувања во Лешок, по информациите во јавноста дека водата за пиење во установата не е исправна.

Тој изјави дека состојбата со епидемијата во Гостивар постепено се стабилизира и дека бројот на нови пациенти значително се намалува.

„Денеска се регистрирани 80 нови пациенти, што е двојно помалку во однос на претходните денови. Вкупно се евидентирани околу 4.000 заболени. Досега се поднесени 750 пријави за заразни заболувања, а епидемиолошки се обработени 490 случаи. Можеме да кажеме дека епидемијата влегува во смирувачка фаза и започнува детална анализа за утврдување на хронологијата на настаните. Во следниот период ќе се прави разлика меѓу случаите поврзани со епидемијата и редовните гастроентерити“, изјави Клековски.

Тој нагласи дека, и покрај подобрувањето на здравствената состојба, водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не може да се користи ниту за технички потреби.

„Последните анализи покажаа дека нивото на резидуален хлор сè уште не е доволно. Континуирано се земаат примероци од повеќе мерни места и штом параметрите ги исполнат потребните стандарди ќе биде дозволена употребата на водата“, појасни министерот.

Осврнувајќи се на состојбата во Лешок, Клековски рече дека неисправноста на водата не е нов проблем и дека трае повеќе од една деценија. Болницата, како што посочи, со години користи вода за пиење од диспанзери, а не од локалниот водовод.

Според него, жителите на Лешок се запознаени со состојбата и ги почитуваат препораките на надлежните институции. Во тек се активности за трајно решавање на проблемот, а во текот на следната недела ќе бидат направени дополнителни анализи за да се утврди дали водата ќе може да се користи и за пиење, не само во болницата, туку и во целото село.

Клековски потсети дека контролата на квалитетот на водата за пиење е обврска на јавните комунални претпријатија и локалните самоуправи, кои се надлежни за обезбедување безбедно водоснабдување.