Фосил на змија од времето на диносаурусите откри голема тајна за нивната еволуција

Точка

24/07/2026

19:30

459

Големина на фонт

а а а

Змиите првпат се појавиле во времето на диносаурусите, а фосилите на многу рани видови се толку фрагментарни што на научниците им го отежнува разбирањето на нивната еволуција. Сепак, добро сочуван фосил пронајден во Бразил сега нуди нов увид во нивната еволутивна историја.

Фосилот на змијата наречена „Tametara mirim“, која живеела пред меѓу 75 и 85 милиони години, во периодот креда е долг околу 42 сантиметри. Оваа змија населувала богат екосистем заедно со огромни диносауруси, крокодили и птици.

Иако фосилот не ја зачувал целата анатомија на „Tametara mirim“, дел од черепот е толку добро сочуван што им овозможил на истражувачите да ја реконструираат анатомијата на мозокот на змијата. Неговата форма и микроструктурата на коските покажале дека овој вид бил фосоријален, односно поголемиот дел од животот го поминувал под земја.

Змиите еволуирале од гуштери, а се смета дека првпат се појавиле пред околу 170 милиони години, во периодот јура. Сепак, не постојат добро сочувани фосили од змии од јурскиот период, а пронајдени се само неколку фосили од подоцнежниот период креда, последното поглавје од ерата на диносаурусите.


„Змиите претставуваат една од најекстремните телесни градби меѓу сите ’рбетници. Разбирањето на потеклото на оваа необична, но исклучително разновидна група и натаму останува една од најголемите мистерии во еволуцијата на ’рбетниците“, изјавил Тијаго Симоес, професор по еволутивна биологија на Универзитетот Принстон во американската сојузна држава Њу Џерси и главен автор на истражувањето објавено оваа недела во списанието „Нејчр“ (Nature).

Симоес рекол дека околу 60 отсто од черепот и 70 отсто од ’рбетниот столб се зачувани во фосилот пронајден во бразилската сојузна држава Сао Паоло. Нагласувајќи дека во слично добра состојба се зачувани фосили од само четири видови змии од периодот креда, Симоес додал дека „овој фосил ни открива нешто што досега не можевме да го дознаеме од другите фосили – раната еволуција на нивниот централен нервен систем“.

Иако сите денешни змии се без екстремитети, фосилите покажуваат дека раните змии ги задржале задните нозе. Иако тој дел од фосилот не е зачуван, Симоес истакнал дека оваа змија речиси сигурно имала задни екстремитети.

Тој појаснил дека Таметара нема директни потомци кои преживеале до денес.