Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ тврди дека навивачите ширум светот го научиле српскиот јазик поради неговите пцовки.
Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, со години важеше за „непослушен“ бидејќи за време на своите мечеви знаеше да го скрши рекетот или да ја искине маицата во која игра, но тоа се промени во завршницата на неговата кариера.
Веројатно и инцидентот од УС Опен, кога беше исфрлен од турнирот, влијаеше врз тоа да ги искажува своите емоции само вербално.
Повеќе нема нагли движења, но сега почесто можеме да слушнеме како пцуе најтрофејниот тенисер во историјата. Напорните мечеви што ги игра го тераат да се ослободи од напнатоста и да ги покаже емоциите, а еден од начините се пцовките – кои Ѓоковиќ повремено ги упатува и додека гледа кон својот тим во боксот.
„Тоа е начин да се исфрлат емоциите за време на мечевите“, изјави неодамна Новак Ѓоковиќ и додаде: „Едноставно, понекогаш не можете да се контролирате себеси и мора да си дадете оддишка. Додека играте, поминувате низ вистински ролеркостер од емоции. Сами сте на теренот и затоа мора сè сами да решавате. А тенисот е многу строг спорт“.

Бидејќи Ѓоковиќ веќе дваесетина години е светска ѕвезда, повеќе не му помага ниту тоа што во најголем број случаи пцуе на српски јазик. Едноставно, сега сите веќе знаат што изговара тој секогаш кога камерите ќе го прикажат во кадар за време на мечевите во кои мора да си помогне со исфрлање на негативната енергија.
„Иако пцујам на српски, во последните 20 години сите научија да го разбираат мојот јазик. Затоа и добивам опомени, казни и слично. Микрофоните се насекаде околу вас, не смеете да кажете ниту еден единствен погрешен збор“, заклучи Ѓоковиќ.









