Легендарниот Кемпес им одржа лекција на Аргентинците кои бараат бизарни изговори за поразот во финалето

Дерби

24/07/2026

11:21

3.311

Големина на фонт

а а а

Дел од аргентинските медиуми пласираа неколку видеа на социјалните мрежи и циркулираат вести со кои се создаваат теории на заговор за големото финале на Светското првенство, односно се објавуваат вести со кои се прикажуваат илузорни приказни за неуспехот со Шпанија.

Ваквата тенденција доби на значење и поради една сомнителна изјава на Лионел Меси од пред самото финале, па иако сето тоа се води само врз база на претпоставки и без никакви докази, илјадници Аргентинци почнаа да потпишуваат и петиција за преигрување на финалето во Њу Џерси.

Овие апсурдни приказни дефинитивно не ги одобрува никој од аргентинскиот фудбалски врв и веќе со целосно контрастни изјави излегоа луѓе како Скалони, Ајала и претседателот Тапија, а сега со искрена видео обраќање се јави и светскиот шампион од 1978-ма година, легендарниот голгетер, Алберто Кемпес.

– Сакам накратко да кажам нешто. Сите знаете што ми значеше дресот на Аргентина, нема ништо поголемо од тоа еден играч да ја претставува својата земја. Јас ја имав таа среќа и таа чест. Нема да ве лажам, неделното финале не беше натпреварот кој сите го очекувавме. Беше јасно дека тимот не беше на нивото од претходните три натпревари, но тоа се случува во фудбалот. Има добри и лоши денови, го доживеав тоа многупати, можеби илјада пати, но секогаш се продолжува понатаму.

– Сепак, постои огромна разлика од лош ден до работи кои циркулураат на социјалните медиуми веќе неколку денови. Тим кој не игра добро на еден натпревар не е исто со тим кој не се натпреварува. Овие гласини што кружат без никаков доказ не му се од корист на никого. Затоа ве молам…. Ако сакаме да му бидеме од корист на тимот, треба да имаме големи очекувања како и секогаш, но не да се занимавме со се она што циркулира без никаква основа. Овој дрес се почитува и во добри и во лоши времиња, напред Аргентина засекогаш, – порача популарниот „Ел Матадор“.