Министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ ја започна реконструкцијата на Основното училиште „Синиша Стоилов“ во Општина Зрновци, проект финансиран со 4,7 милиони денари со цел подобрување на енергетската ефикасност и условите за образование во училиштето.
Со 4,7 милиони денари почна реконструкција на ООУ „Синиша Стоилов“ во Општина Зрновци
Министерот за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, денес е во работна посета на Општина Зрновци каде почна реализацијата на проектот „Воведување на мерки за енергетска ефикасност и подобрување на просторните услови во образовниот процес преку доградба и реконструкција на ООУ „Синиша Стоилов“ , кој се реализира со финансиска поддршка од Министерството за локална самоуправа преку Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година.

Вкупната вредност на проектот изнесува 4.701.503 денари, од кои 4.600.000 денари се обезбедени од Министерството за локална самоуправа, додека 101.503 денари се средства за кофинансирање од страна на корисникот.
По повод почетокот на градежните активности, министерот за локална самоуправа истакна дека вложувањето во образовната инфраструктура претставува инвестиција во иднината на локалните заедници.
„Создавањето подобри услови за образование е еден од најзначајните предуслови за рамномерен локален и регионален развој. Нашата определба е секоја општина што има квалитетен проект и јасна визија за развој да добие поддршка, затоа што сите граѓани заслужуваат еднакви можности. Со реализацијата на овој проект ќе се подобрат просторните услови во училиштето, ќе се унапреди енергетската ефикасност на објектот и ќе се обезбеди поквалитетна средина за учениците и наставниот кадар. Министерството за локална самоуправа ќе продолжи да ги поддржува проектите што носат конкретни придобивки за граѓаните и придонесуваат за подобар квалитет на живот во сите региони“, изјави министерот Стоилковиќ.

Проектот е дел од активностите за намалување на регионалните диспаритети и зајакнување на регионалната конкурентност преку инвестиции во јавната инфраструктура, со цел создавање поквалитетни услови за живот и работа во локалните заедници.











