[ВИДЕО] Неверојатна глетка! Мечок се искачил на бандера висока 10 метри и останал заглавен таму: Видеото е вирално, а исходот ги растажи сите

Точка

24/07/2026

15:39

847

Големина на фонт

а а а

Необична сцена од Ново Мексико ги остави луѓето без зборови, црн мечок бил снимен како стои на врв на телефонски, односно електричен столб висок околу 10 метри, додека се обидува да се задржи со предните шепи, пренесува „Њујорк пост“.

Снимката брзо се прошири на интернет, а ја привлече вниманието и на американското Министерство за внатрешни работи, кое ја сподели со шеговита порака.

„Ја цениме желбата за американска енергетска доминација, но ова не е она што го мислевме“, напиша Министерството, алудирајќи на необичната сцена.

Видеото го снимила Шенон Маленс, која патувала од Ново Мексико кон Оклахома по патот 56. Таа за „Сторифул“ раскажала дека во првиот момент не можела да поверува што гледа.

„Навистина не верувавме во тоа што го видовме, па се вративме за уште еднаш да погледнеме. Прво мислевме дека мечката е мртва, но кога се приближивме сфативме дека сè уште е жива“, изјавила таа.

На снимката се гледа како мечката тешко дише додека со предните шепи се држи за горниот дел од столбот, а задните нозе ѝ висат од двете страни.

Сведокот кој го снимал видеото се јавил во службата за итни случаи и пријавил дека „мечка се наоѓа на врвот на столб“. Операторот одговорил дека веќе имале добиено неколку пријави за животното и дека биле известени надлежните служби за заштита на дивиот свет.

Сепак, спасувањето било исклучително ризично. Стручните лица објасниле дека не можеле да ја успијат мечката со средства за смирување, бидејќи по дејството на лекот животното најверојатно би паднало од голема височина и би се здобило со тешки повреди.

За жал, необичната авантура завршила трагично. Од Одделот за риби и диви животни на Ново Мексико потврдиле дека мечката подоцна угинала откако доживеала струен удар, и покрај напорите на локалните служби да ја спасат.

Експертите за диви животни објаснуваат дека вакви ситуации се случуваат кога мечка, особено млада или исплашена, ќе се вознемири од луѓе, автомобили или кучиња. Во паника таа може да се искачи на столбот, кој го доживува слично како високо дрво.

Сличен случај имало и во 2021 година во Аризона, кога друга мечка се искачила на електричен столб, но тогаш животното било успешно спасено.