Грејс Колинс од Тексас, која третото дете го родила на 51 година, сега повторно е бремена. На 54-годишна возраст го очекува своето четврто дете и моментално е во 17-та недела од бременоста.
Својата приказна ја споделува на социјалните мрежи, а за американските медиуми изјавила дека таа и нејзиниот сопруг долго разговарале за проширување на семејството. Иако отворено зборува за својот пат до мајчинството, не сакала да открие кој точно метод на биомедицински потпомогнато оплодување го користела.
„Сопругот и јас не влеговме лесно во ова. Со години се молевме за тоа. Не беше избрзана одлука“, изјавила Колинс за Today.com.
„Свесна сум што значи да имаш дете на 54 години“, продолжила таа. Истакнала дека пред бременоста поминала низа темелни медицински прегледи, меѓу кои колоноскопија, преглед за рак на кожа и целосна кардиолошка проценка.
„Луѓето ме прашуваат: ’Знаеш ли колку години ќе имаш кога тој ќе матурира?‘. Им одговарам: ’Да, знам‘.“
Колинс го запознала својот сопруг Крис, кој е 15 години помлад од неа, кога имала 40 години. Се венчале две години подоцна. Првото дете, ќерката Меги, ја родила на 44 години, ќерката Голди на 46, а синот Еј Џеј (A.J.) на 51 година.
„Не очекуваме децата да се грижат за нас. За тоа однапред се погриживме. Кога гледам дека на 53 години сум во подобра форма отколку што бев на 33, целосно стојам зад тоа тврдење“, истакнала Колинс.
Грејс редовно споделува детали од своето секојдневие за време на бременоста. Се надева дека нејзината приказна ќе ги охрабри и инспирира другите жени во позрели години да се почувствуваат посамоуверено и да се одлучат да основаат сопствено семејство. Таа не откри дали користи сопствени јајце-клетки.
„Повеќепати повторив дека ги искористивме сите достапни методи на потпомогнато оплодување. Мојата цел е да им дадам поддршка на жените кои сакаат да создадат семејство, но се наоѓаат во поинаква животна фаза“ изјавила таа за „Today.com“.
Колинс вели дека мајчинството во позрелите години ѝ помага да биде „најдобрата верзија од себе“.
„Долго време бев изгубена. Работев на сите оние длабоко вкоренети проблеми што многумина од нас ги носат уште од детството. Мојот однос со самата себе и со Бог сега е најсилен досега“, објаснила таа.
За својот сопруг рекла дека е „стара душа“ и додала дека не се грижат дали ќе го дочекаат моментот кога нивните деца ќе станат родители.
„Утрешниот ден никому не му е загарантиран. Дали ќе бидам тука за моите внуци? Можеби ќе бидам. Верувам дека Бог веќе знае сè и дека се погрижил за сè“, заклучила Колинс.