Вештачката интелигенција може многу нешта – но што не може?

Точка

23/07/2026

10:15

511

Големина на фонт

а а а

„Вештачката интелигенција може да пресметува, но човекот мора да одлучува“, вели Максимилијан Кинер од Институтот за етика во технологијата при Техничкиот универзитет во Хамбург.

Помош при донесување одлуки за кариерата или замена за терапевт – се чини дека вештачката интелигенција (ВИ) има вистински одговор за речиси секој проблем. Програмерите овие виртуелни асистенти речиси секогаш ги конструираат така што тие се љубезни и некритични.

Но, таа човечност е само опасна илузија во која корисниците премногу често веруваат, вели Максимилијан Кинер. „Она што никако не функционира се вредносните проценки. По кој пат во кариерата треба да тргнам? Да станам адвокат или лекарка? Тука не постои еден единствен одговор. Тоа исто така не е пресметковна задача. Проблемот што постојано се појавува е што сакаме сите сложени проблеми да ги ставиме во формат на вештачката интелигенција.“


Дали „deepfake“ содржините се иновација?

Кај теми како осаменоста или образованието, често станува збор за општествени прашања. Тоа не е задача што вештачката интелигенција може технички да ја реши. Максимилијан Кинер во некои нови примени на AI не гледа иновација.

„Работите што се само нови не се иновација. На пример, многу ми е тешко како иновација да ги препознаам „deepfake“ фотографиите на деца кои можеби се прикажани и на сексуализиран начин.“

Според овој научник, етиката не го забавува развојот на вештачката интелигенција, туку токму ја прави навистина корисна за луѓето. Најдобро е кога AI и човекот уште од самиот почеток соработуваат за заеднички да пронајдат решенија, вели Кинер.


Четботот поставува прашања

Матијас Ул, професор по економска и социјална етика на Универзитетот во Хоенхајм, развил сократски четбот.

„Сократската вештачка интелигенција се разликува од конвенционалната по тоа што поставува прашања и ми помага сам да дојдам до решение на проблемот, наместо директно да ми дава одговори.“

Тимот на Универзитетот во Хоенхајм и Универзитетот во Бамберг го тестирал овој јазичен модел во повеќе експерименти. Резултатот покажал дека прилагодениот четбот можел да им помогне на корисниците да донесуваат морално поурамнотежени одлуки.

Но, тимот во текот на примената открил и една пречка, вели Матијас Ул.

„Вештачката интелигенција што поставува дополнителни прашања поретко се избира. Кога луѓето имаат можност да избираат, повеќе сакаат да добијат директен совет.“


Експертите често се скептични

Додека приватните корисници честопати брзо ѝ веруваат на вештачката интелигенција, експертите многу почесто се скептични. На пример, во медицината: системите за вештачка интелигенција можат сигурно и брзо да анализираат рентгенски снимки. Сепак, многу лекари тешко ја прифаќаат оваа технологија.

Оние што имаат многу знаење често ги потценуваат анализите на вештачката интелигенција, дури и кога тие се попрецизни – утврдиле научниците. Нова вештачка интелигенција би можела да помогне во тоа, смета Матијас Ул.

„Ако системот сам ја покаже својата несигурност, тоа може да доведе до поголема доверба на корисникот во советот. На пример, кога AI ќе каже дека е 90 проценти сигурна во својата класификација.“

Веќе следната година, експерти од областа на медицината би требало да можат да го тестираат новиот систем на вештачка интелигенција.