Неодамна објавена карта открива од кои земји Европејците сметаат дека доаѓаат „најпривлечните луѓе“, а резултатите покажаа интересни разлики.
Според авторот на картата, резултатите се засноваат на анкета во која учествувале 35.000 луѓе од 28 земји, а им било поставено едноставно прашање: „Која земја, според ваше мислење, има најпривлечни луѓе?“.
Кои се победниците?
Како извор се наведува агенцијата за испитување на јавното мислење „OpinionWay“ (European Survey 2024), а картата покажува дека победник е Италија.
Според прикажаните резултати, жителите на бројни земји од Централна и Источна Европа, како и на Германија и нордиските држави, најчесто ги издвојувале Италијанците како најпривлечни.

Сепак, Западна Европа имала поинаков избор. Шпанија го зазела првото место кај испитаниците од Франција, Велика Британија, Ирска и Грција, што покажува дека вкусовите не секаде се исти.
Интересни резултати се појавиле и на југот на континентот. Додека многу европски земји ги избирале своите соседи, Шпанија и Португалија не гласале за ниту една европска нација. Шпанците како најпривлечни ги издвоиле Аргентинците, додека Португалците својот глас им го дале на Бразилците.
Резултатите од нашиот регион
Посебен случај била Шведска, каде што испитаниците покажале доза на „самозаљубеност“ – најголем број од нив гласале токму за својата земја, покажува картата.
Посебно внимание привлекуваат резултатите од регионот на поранешна Југославија. Испитаниците од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора и Словенија имале целосно ист избор – за најпривлечни луѓе ги избрале Италијанците.
Со оглед на тоа што податоците се од 2024 година, можно е ново истражување да покаже поинакви резултати и промени во ставовите на луѓето.







