Професорка 17 години била на боледување, земала целосна плата, а сега ја тужи државата затоа што ја праќа во пензија

Точка

22/07/2026

12:34

1.465

Големина на фонт

а а а

Германија е згрозена од случајот на 62-годишна професорка од Дуизбург, која речиси 17 години е на боледување, а за целото тоа време примала целосна државна плата. Кога властите одлучиле да ја испратат во инвалидска пензија, таа поднела тужба за да ги задржи повисоките примања, додека во меѓувреме против неа е започната и истрага поради сомнение за измама.

Случајот на 62-годишната професорка од Дуизбург предизвика бурни реакции во Германија и отвори прашања за надзорот над државните службеници кои со години отсуствуваат од работа поради боледување.

Професорката од 2003 до 2009 година работела во стручно училиште во Везел, а потоа, поради психички проблеми, отворила боледување од кое никогаш повеќе не се вратила во училницата. И покрај тоа, речиси 17 години продолжила да прима целосна државна плата, пишува „Fenix magazin“.

Според германските платни категории за просветните работници, нејзината бруто плата изнесувала меѓу 5.051 и 6.174 евра месечно. Толку долго не доаѓала на работа што, според германските медиуми, сегашниот директор на училиштето дури и не знаел која е таа.


Дури по преглед кај службен лекар било утврдено дека во наредните шест месеци не е способна за работа. Покраинската влада во Дизелдорф, на крајот на мај, донела одлука да ја испрати во инвалидска пензија.

Но, професорката се спротивставила на таа одлука, бидејќи со заминувањето во пензија би изгубила меѓу 1.500 и 2.000 евра бруто месечно. Поради тоа, преку својот адвокат поднела тужба до Управниот суд во Дизелдорф.


„Можеме да потврдиме дека професорката поднесе тужба против одлуката за пензионирање. Тужбата е примена на 29 јуни 2026 година“, потврди портпаролот на судот.

Бидејќи тужбата го одложува извршувањето на одлуката, професорката до правосилното завршување на постапката и понатаму прима целосна државна плата.

Случајот дополнително доби на тежина откако во јавноста се појавија информации дека за време на долгогодишното боледување, наводно, развивала приватен бизнис. Истражителите се сомневаат дека со години работела како алтернативен лекар („Heilpraktikerin“), а познато е и дека во 2011 година, заедно со својата партнерка, развила крема за сува кожа. Нивниот производ го освоил третото место на натпреварот „Benchmark Award. Med NRW“, за што добиле и парична награда од 5.000 евра.


Државното обвинителство во Дуизбург против професорката води истрага поради сомнение за измама и незаконска работа за време на боледување. Полицијата веќе го претресла нејзиниот стан и запленила компјутери, мобилни телефони и други дигитални уреди кои би можеле да послужат како доказ во постапката.

Додека истрагата е во тек, а судот одлучува по нејзината тужба, професорката и понатаму прима целосна државна плата од државниот буџет.