Голема промена во Иран: „Наскоро ќе почнеме да им издаваме возачки дозволи за мотоцикли на жените“

Точка

21/07/2026

20:00

284

Големина на фонт

а а а

Иран во наредните недели ќе почне да издава возачки дозволи за управување со мотоцикли на жени, изјави потпретседателката за прашања на жените и семејството, Захра Бехруз Азар, наведувајќи дека за тоа не постојат ниту верски, ниту законски пречки.

Азар им рече на новинарите дека издавањето на дозволите е важно за жените да можат да го остварат правото на осигурување во случај на сообраќајни незгоди, бидејќи без важечка возачка дозвола не можат да добијат целосна правна заштита, пренесе ИРНА.

Таа истакна дека владата, со поддршка од парламентот, ги презела потребните чекори за спроведување на оваа мерка, како и дека верските авторитети и исламските научници оцениле оти издавањето возачки дозволи за мотоцикли на жени не е во спротивност со верските прописи.


Според нејзините зборови, сите неопходни процедури се завршени, а по разговорите со претставници на сообраќајната полиција било потврдено дека веќе е отпечатен првиот примерок од возачка дозвола за жени.

Азар додаде дека почетокот на издавањето на дозволите бил одложен поради неодамнешната војна меѓу Соединетите Американски Држави и Израел, додавајќи дека свеченоста по повод врачувањето на првата дозвола за управување со мотоцикл на жена првично била планирана за јули.