Читачка од усни тврди дека успеала да открие што зборувал јужноафриканскиот пар за време на виралната снимка од нивната расправија на трибините на Светското првенство.
Видеото, кое брзо се прошири на социјалните мрежи, прикажува маж и жена како се расправаат за време на натпревар, а нивниот разговор веднаш поттикна бројни шпекулации за причината за конфликтот, но и шеги дека разводот е на повидок.
Расправија среде натпревар
На снимката се гледа пар кој за време на натпреварот меѓу Јужна Африка и Јужна Кореја во Монтереј навива со знамиња. Во еден момент мажот го зема мобилниот телефон во раце, што го забележува неговата партнерка, по што меѓу нив започнува расправија.
Неколку моменти си разменуваат зборови, а мажот изгледа сè повознемирено. Дури и откако жената седнува и наизглед се обидува да ја прекине расправијата, тој неколкупати се врти кон неа и продолжува да разговара.
How can I file a divorce for someone else?😭😭😭😂 pic.twitter.com/ENiDNfhUCf
— Blissful✨ (@ghostinheel) July 12, 2026
Читачката од усни се обидела да го реконструира разговорот
Содржината на нивната расправија првично не беше позната, но професионалната читачка од усни Никола Хиклинг тврди дека успеала да реконструира дел од разговорот. Анализата ја направила во соработка со компанијата „Covers“.
Според нејзиното толкување, жената во фустанот на почетокот случајно удрила момче кое седело до неа со знамето и веднаш му се извинила. Потоа продолжила да мавта со знамето, но подалеку од момчето, пред да забележи дека партнерот гледа во мобилниот телефон. Тој потоа ѝ го покажал екранот.
Хиклинг тврди дека мажот ѝ рекол: „Нема што да се види. Момците ги сликаа и ми ги испратија“. Жената потоа наводно го прашала: „Зошто гледаш?“, на што тој одговорил: „Не гледам други жени“.
Според анализата на читачката од усни, расправијата продолжила, а мажот во еден момент рекол: „Можеби затоа и не спомнувам некои работи“. Таа потоа му одговорила: „Доста е“.
На крајот од снимката се чини дека мажот вели: „Замолчи“, а жената му возвраќа: „Преку глава ми е од тоа што секогаш се расправаш“.

Интернетот веднаш почна да шпекулира
Снимката првично беше објавена на ТикТок, но набргу се прошири и на други платформи. Корисниците се обидуваа да заклучат што претходело на расправијата, па се појавија бројни шпекулации за можен развод, неверство, па дури и за обложување на натпреварот.
„Како можам да поднесам барање за развод за некој друг?“, се пошегувал еден корисник на „X“.
„Разводот дојде од никаде“, напишал друг.
Некои коментатори застанаа на страната на жената, додека други се обидоа да ја објаснат ситуацијата од перспектива на мажот. Дел од корисниците ја критикуваа и личноста што го снимала парот, сметајќи дека не требало да продолжи да го снима нивниот приватен момент.










