Длабоко под земјата, во канадската провинција Нова Шкотска, се наоѓа поранешно воено засолниште проектирано за случај на нуклеарна катастрофа.
Овој објект од времето на Студената војна, според најавите, ќе добие нова намена и ќе биде претворен во луксузен комплекс со апартмани, медицинска поддршка, врвна безбедност и сопствени извори на храна, пренесува „BBC“.
Сосема поинаква слика
На само 113 километри северно од Халифакс, на источниот брег на Канада, се наоѓа подрачје кое некогаш имало една од најважните улоги во земјата. За време на Втората светска војна, таму била сместена воена база за обука на илјадници војници.
Денес сликата е сосема поинаква – неколку стари објекти, празни паркинзи и тесен појас од четинарска шума го опкружуваат просторот, кој изгледа речиси напуштено.
Сепак, на едниот крај од комплексот од тревата се издигнува големо возвишение, под кое се крие сосема поинаква иднина.
Под него се наоѓа нуклеарен бункер со површина од околу 5.900 квадратни метри, кој бил дел од мрежата засолништа изградени за време на Студената војна.
Сега, канадскиот претприемач од светот на криптовалутите Џонатан Бахаи сака да го претвори во луксузен комплекс наменет за луѓе кои бараат заштита од големи глобални кризи.
Апартмани под земја
Планот е поранешното воено засолниште да се претвори во комплекс со 50 единици, во кои сопствениците би можеле да престојуваат во случај на различни катастрофи.
Проектот го води компанијата „Baha’i’s Fallout Complex Inc“, а идните станари би требало да имаат пристап до содржини што повеќе потсетуваат на луксузен хотел отколку на класично засолниште.
Меѓу планираните погодности се:
• врвно ресторанско мени од „самоодржлив“ извор на храна;
• биометриски системи за влез;
• постојан видеонадзор;
• медицински услуги.
За сопствениците на приватни авиони е предвидена и дополнителна погодност – можност за слетување на блискиот аеродром Деберт.

Поинаков деловен план
Бахаи го купил објектот кон крајот на 2012 година за 31.300 канадски долари, односно околу 22.000 американски долари.
На почетокот имал поинаков деловен план – размислувал бункерот да стане место за забава и туризам, со различни содржини. Сепак, идејата се променила како што светот минувал низ сè поголем број кризи.
„Во последните две години во светот има повеќе неизвесност отколку во претходните триесет“, изјавил своевремено Пол Менсфилд, еден од сосопствениците на проектот. „Тоа доведе до повторно зголемување на интересот за некаков вид осигурување, односно за она што многумина го нарекуваат ‘бункер за крајот на светот’.“

Безбедност на највисоко ниво
Компанијата што го развива проектот ќе соработува со германската фирма „Bespoke Home and Yacht Security“, а меѓу препорачаните безбедносни мерки за идниот комплекс е и користењето дронови за надзор.
Според објавените информации, досега веќе се продадени 11 единици, додека планот за идното реновирање вклучува:
• спа-центар;
• просторија за јога;
• салон за пури;
• модерно „OLED“ осветлување што би ја имитирало природната дневна светлина.
Кога сопствениците нема да ги користат своите единици, апартманите ќе бидат достапни за изнајмување, а приходот ќе се дели меѓу сопствениците. Цените за купување на становите, како и цената за ноќевање, засега не се објавени.
„Ако некој изнајми единица како хотелска соба, а потоа се случи нешто поради што сопствениците треба да пристигнат, гостинот ќе мора да го напушти просторот“, објасни Менсфилд.

Бункер за канадската влада
Нуклеарното засолниште го добило името по поранешниот канадски премиер Џон Дифенбејкер, кој за време на Студената војна наредил изградба на седум слични објекти низ земјата.
Тие биле изградени од крајот на 1950-тите до средината на 1960-тите години, а биле наменети за сместување мал број клучни државни службеници во случај на нуклеарна војна.
Бункерот во Нова Шкотска бил проектиран да издржи експлозија на нуклеарно оружје во непосредна близина и да овозможи преживување на 329 луѓе најмалку 30 дена.
Сепак, кога бункерите биле завршени, веќе почнале да го губат своето стратешко значење.
Развојот на интерконтиненталните ракети го променил начинот на водење нуклеарна војна, а оружјето станувало сè помоќно.
Поради тоа, бункерот подоцна бил претворен во покраински центар за предупредување во вонредни ситуации, сè додека не бил затворен во 1996 година поради намалување на трошоците.
„Не е бункер за крајот на светот“
Иако многумина го нарекуваат проектот „бункер за судниот ден“, Бахаи го отфрла тој израз.
Како што вели, објектот навистина е изграден „да преживее речиси сè“, но идејата не е заснована на страв од крајот на светот.
„Не станува збор за крајот на светот, туку за паметна и практична подготовка за бури, какви и да бидат тие“, изјави тој.
Кога ураганот Фиона ја погоди Нова Шкотска во 2022 година, Бахаи го отворил бункерот за своите вработени и нивните семејства.
„Целосно е независен од надворешната инфраструктура и е самоодржлив“, изјавил тој. „Ако огромна бура го погоди нашиот комплекс, сопствениците на становите знаат дека имаат загарантирано топло и безбедно место со струја, храна и сè што им е потребно.“
Нов туристички центар
Бахаи вели дека сака вниманието да се насочи и кон придобивките што проектот ќе ѝ ги донесе на локалната заедница.
Покрај луксузното засолниште, комплексот треба да стане и туристичка дестинација, како и дом на дата-центар од светска класа.
„Тоа е сосема исто како да поседувате исклучително безбеден и убав ‘Airbnb’“, изјави Бахаи.
Завршувањето на проектот се очекува на почетокот на следната година.
Иако најголемиот интерес досега пристигнал од источниот брег на Канада, проектот го привлече вниманието и на луѓе од други делови на светот.
За функционирањето на комплексот ќе бидат потребни повеќе од 40 вработени, како и експерти за управување со проширениот дата-центар, по можност од локалната заедница.









