„Mercedes“ на пресвртница: Раст на продажбата на електрични возила, но пад на вкупната побарувачка

Точка

10/07/2026

21:06

351

Големина на фонт

а а а

Продажбата на целосно електричните возила на „Mercedes-Benz“ значително порасна во првата половина од годинава, но тој раст не беше доволен да го надомести падот на вкупната побарувачка за моделите на германскиот производител. Додека електричните модели забележаа раст од 28 проценти, вкупната продажба на „Mercedes-Benz Group“ се намали за шест проценти, на 1.011.500 возила, што ја одразува промената со која се соочуваат и другите големи играчи во автомобилската индустрија.

Пад на вкупната продажба

Ако се разгледува само одделот за патнички автомобили „Mercedes-Benz Cars“, од почетокот на годината низ светот се продадени 837.200 возила, што претставува пад од седум проценти.

Негативниот тренд беше особено изразен во вториот квартал, кога продажбата се намали за осум проценти, на 417.800 возила, во споредба со истиот период минатата година. Иако првиот квартал донесе благ раст од два проценти, подоцнежниот пад го потврди слабеењето на побарувачката за конвенционалните модели.


Електричните модели како светла точка

Светлата точка во деловниот извештај е силната побарувачка за електричните возила на батерии.

Во првата половина од годината се продадени вкупно 97.100 нови електрични автомобили, што е 28 проценти повеќе отколку во истиот период лани. Побарувачката беше особено силна во вториот квартал, кога продажбата порасна за дури 51 процент, со 52.900 продадени возила.

Кога ќе се вклучи и продажбата на одделот за комбиња на „Mercedes-Benz“, вкупната продажба на електрични возила достигнува 113.300 единици од почетокот на годината, што претставува раст од 30 проценти.

Од „Mercedes“ како главни двигатели на растот ги издвојуваат електричните верзии на моделите CLA, GLC и GLB, нагласувајќи дека силната европска побарувачка значително придонела за добрите резултати.


Проблеми за останатиот дел од гамата

Додека електричните возила бележат одлични резултати, продажбата на останатите модели се соочува со потешкотии.

Во највисоката, таканаречена Top-End категорија, која ги опфаќа моделите "Mercedes-AMG", "Maybach, G-Class", "S-Class", "GLS"," EQS" и "EQS SUV", продажбата се намали за осум проценти, на 119.600 возила.

Од компанијата наведуваат дека овој пад делумно се должи на планираните генерациски промени на моделите и нивната достапност, но истакнуваат дека испораките на "G-Class" во вториот квартал пораснале за три проценти.

Слична е ситуацијата и во "Core" сегментот, кој ги опфаќа "C-Class", "E-Class", како и моделите "EQE" и "EQE SUV", каде продажбата се намали за седум проценти, на 497.300 возила.

Моделите од почетниот Entry сегмент, како што се "A-Class" и "B-Class", забележаа пад од пет проценти, со 220.300 продадени примероци.


Голем пад во Азија, раст во Европа и Северна Америка

Географската анализа на продажбата покажува дека најголемиот дел од вкупниот пад доаѓа од Азија.

На овој континент продажбата на автомобилите на „Mercedes-Benz“ се намали за 25 проценти, на 291.000 возила.

Ситуацијата е уште понеповолна во Кина, каде што е регистриран пад од 28 проценти, на 210.200 возила, а само во вториот квартал продажбата се намалила за 30 проценти.

Од „Mercedes“ сепак најавуваат дека во втората половина од годината на кинескиот пазар ќе пристигнат неколку нови модели, меѓу кои и електричниот "GLC L SUV" со продолжено меѓуоскино растојание.

Наспроти тоа, европскиот и северноамериканскиот пазар бележат раст. Продажбата во Европа се зголемила за пет проценти, додека во Северна Америка е регистриран значителен раст од 15 проценти.