Пазарот на половни автомобили е огромен и често непрегледен, па на купувачите не им е лесно да проценат кои модели навистина нудат најдобар сооднос меѓу цената и квалитетот. Токму затоа германскиот авто-клуб „ADAC“ анализираше голем број возила и ги издвои половните автомобили кои, според нивните критериуми, нудат најмногу за вложените пари.
Анализата покажува дека квалитетни половни автомобили можат да се најдат речиси во сите класи, а особено интересни модели има веќе во ценовниот ранг од околу 12.000 евра. Кај автомобилите поскапи од 20.000 евра, сè поголема улога имаат и електричните модели, кои поради значителниот пад на вредноста стануваат многу привлечна опција на пазарот на половни возила.
До резултатите „ADAC“ дојде преку споредба на цената и квалитетот на автомобилите. Во анализата беа вклучени резултатите од нивните сопствени тестирања, при кои возилата се оценуваат според повеќе од 300 критериуми, како и податоците за пазарните цени што ги обезбедува германската организација „DAT“.
Најдобрите половни автомобили до 15.000 евра
Германските експерти анализирале вкупно 171 модел, споредувајќи тригодишни половни автомобили со просечна километража од околу 33.000 километри. Врз основа на оценката од тестовите на „ADAC“ и актуелната пазарна цена, пресметале индекс на односот меѓу цената и квалитетот.
Во најприфатливата категорија – до 15.000 евра, првото место го освои „Toyota Aygo X“, мал градски автомобил чија просечна цена на половен примерок изнесува околу 12.000 евра. Од „ADAC“ го издвојуваат поради добрата опрема и бројните безбедносни системи, но предупредуваат дека има нешто поголема потрошувачка за автомобил од оваа класа.
Меѓу најдобрите купувања во оваа категорија се најдоа и „Dacia Sandero TCe 90 Expression“, кој може да се најде за околу 12.500 евра, „Opel Corsa 1.2 DI Turbo Elegance“ со цена од приближно 14.200 евра, „Suzuki Swift 1.2 Dualjet Hybrid Comfort+" вреден околу 14.300 евра, како и „Peugeot 208 1.2 PureTech Allure“, чија цена е околу 14.750 евра.
Од „ADAC“ наведуваат дека победникот во оваа категорија е особено погоден за градско возење, но поради ограничениот простор и пониското ниво на комфор, не е најдобар избор за семејства или за долги патувања.

Електричните модели стануваат сè поинтересни над 15.000 евра
Во категоријата до 20.000 евра, првото место го освои електричниот „Opel Corsa-e Elegance“. Овој мал електричен автомобил на пазарот на половни возила чини околу 16.100 евра, располага со електромотор од 136 коњски сили и батерија со капацитет од 46 kWh, а според тестирањата на „ADAC“, може да помине околу 280 километри со едно полнење.
Експертите го опишуваат како многу добар градски електричен автомобил, со добри возни карактеристики и солидна основна опрема, но помалку погоден за долги патувања и поголеми семејства.
Второто место му припадна на „Škoda Fabia 1.0 TSI Style“, кој се продава за околу 15.800 евра. Од „ADAC“ ја издвојуваат поради пространоста, техничката сигурност и практичноста во секојдневното користење.
На листата на најдобри автомобили до 20.000 евра се најдоа уште „Fiat 500e RED“, електричен градски автомобил вреден околу 15.100 евра, „Seat Leon 1.5 TGI FR DSG“ од пониската средна класа со цена од околу 17.800 евра, како и „Hyundai i20 1.0 T-GDI Trend“, кој чини приближно 15.100 евра.

„Golf“ меѓу најдобрите до 25.000 евра
Во категоријата до 25.000 евра, победник е „Volkswagen Golf 2.0 TDI Life“ од пониската средна класа. Неговата цена изнесува околу 20.843 евра, а „ADAC“ особено го пофалува поради удобноста, безбедноста, економичниот дизел мотор и добрите возни својства.
Според германските експерти, „Golf“ е особено добар избор за возачи кои поминуваат големи растојанија, семејства со едно или две деца, како и за сите кои бараат универзален автомобил.
Во оваа категорија високо се рангирани и „Citroën ë-C4 X Shine Pack“, електричен автомобил од пониската средна класа вреден околу 20.650 евра, „Volkswagen Golf 1.0 eTSI Life“ со цена од околу 20.400 евра, „Citroën C4 BlueHDi 130 Shine EAT8“ вреден околу 20.160 евра, како и „Opel Corsa Electric Long Range GS“, електричен мал автомобил со цена од околу 20.400 евра.

Најдобрите избори до 30.000 евра
Во најскапата анализирана категорија – до 30.000 евра, првото место го освои „Volkswagen Golf Variant 2.0 TDI R-Line DSG“. Станува збор за караван од пониската средна класа, чија цена на половен примерок е околу 26.670 евра.
Од „ADAC“ го издвојуваат поради големиот простор, економичноста, квалитетниот мотор и богатата опрема. Најмногу ќе им одговара на семејствата и на возачите кои често патуваат.
Меѓу најдобро оценетите модели во оваа група се најдоа и „Kia EV6“ со батерија од 58 kWh, електричен автомобил од средната класа вреден околу 26.884 евра, „BMW 220i Active Tourer“ со цена од околу 25.584 евра, електричниот „Smart #1 Premium“ вреден околу 25.950 евра, како и „Volkswagen ID. 5 Pro Performance“, чија цена изнесува околу 27.872 евра.














