Дарко Панчев како голем фудбалски фанатик ги следи сите случувања на мундијалот во САД, Мексико и Канада, а како човек кој е достоен да говори за сите актуелности на Светското првенство, легендарната „Кобра“ беше специјален гостин во утринската емисија на „Спортал“.
Македонската „Златна копачка“ говореше на голем број теми во видео разговорот кој го водеше со српскиот медиум, но посебен за издвојување е делот во кој говори за фијаското на Кристијано Роналдо, како и за споредбата која ја прави меѓу Португалецот и Лео Меси.
– Не може да се спори тоа дека Кристијано беше најдобар голгетер низ годините. Иако беше мета на критики и тогаш, тој секогаш даваше голови. Сега мислам дека со прави трпи критики во изминатите неколку години, едноставно не си ист играч со 40 и 41 година, од времето кога имаш 30 или 35 години. Овој Роналдо му одзема само место на некој играч кој ќе имаше поголема енергија и поголеми шанси за гол во португалскиот тим.
– Егоизмот мора да се тргне настрана кога е репрезентацијата во прашање, фудбалот не трпи егоизам. Исто така, сакам да кажам дека овој мундијал се претвори во Светско првенство на пензионери. Не паметам кога последен пат играле толку фудбалери со 40 години, или над 37 години. Роналдо ќе остане Роналдо и после оваа елиминација, но сметам дека не му беше потребно ова учество на мундијалот. Мораше да препознае дека не може да го понуди тоа што го нудеше претходно, така ќе спречеше да си биде најголем противник сам на себе и да биде магнет за критичарите.
– Меси или Роналдо? Меси урна голем број рекорди на Светските првенства, има и трофеи кои Роналдо ги нема, но не може да споредуваме двајца различни фудбалери. Не сакам да споредувам играчи кои не се на иста позиција. Роналдо е вистински центарфор, додека Меси не е. Меси е креативец, покрива поголем дел од теренот, подобро дрирбла и поопасен е од втор план. Не би ги споредувал, би го кажал следното: Меси е покомплетен играч, а Роналдо е подобар голгетер. Роналдо игра подобро на прва статива, игра подобро со глава, знае подобро да изреагира во шеснаесетникот.
– Сепак, станува збор за различни играчи, а кога сме веќе кај рекордите, ова натпреварување не е исто како она пред 20 или повеќе години. Сега има повеќе натпревари, натпреварувањето е помасовно и има полош квалитет. Има послаби ривали и поголем број на натпревари, па затоа би ја издвоил оваа ера од онаа во минатото. Во минатото беше тешко да минете квалификации, а сега гледаме по 48 репрезентации на Светско првенство, – порачува Панчев.










