[ВИДЕО/ФОТО] Изгледа неверојатно: Кинеска сонда ја сними првата фотографија од „мини Месечината“ на Земјата

Точка

08/07/2026

08:16

533

Големина на фонт

а а а

Кинеската вселенска сонда Тјенвен-2 ја испрати првата снимка од непосредна близина на ретката „мини Месечина“ на Земјата – астероидот Камо’оалева. Сондата, која е дел од првата кинеска мисија за собирање и враќање примероци од астероид, беше лансирана на 29 мај 2025 година. По 13 месеци патување и поминати една милијарда километри, таа пристигна до својата главна цел.

Од 2 јули, сондата се наоѓа на оддалеченост од околу 20 километри од Камо’оалева, од каде што го направи и првиот портрет на „мини Месечината“, која го носи името според хавајска песна за небесно тело што се ниша, пишува „Science Alert“.

По долгото патување од Земјата, Тјенвен-2 првпат оптички го забележала Камо’оалева на 6 јуни, а до 19 јуни му се приближила на околу 2.000 километри. На почетокот на јули, сондата пристигнала на само 20 километри од астероидот.

Камо’оалева е премногу оддалечен за да се смета за вистински природен сателит на Земјата, бидејќи неговата главна орбита е околу Сонцето. Сепак, бидејќи на секои 45 години опишува елиптична патека околу Земјата, тој припаѓа на ретката категорија квазисателити. Тој е еден од само седумте досега познати квазисателити на нашата планета.

Астероидот припаѓа на групата Аполонови астероиди, кои во најголем дел ја делат орбитата на Земјата околу Сонцето. Но, како квазисателит, Камо’оалева во подолг временски период останува во непосредна близина на Земјата.

Сè што досега е познато за ова небесно тело се темели на набљудувања направени од голема оддалеченост. Се проценува дека неговиот пречник изнесува меѓу 40 и 100 метри, што значи дека би можел да стане најмалиот астероид што некогаш го посетило едно вселенско летало.

Научните цели на мисијата

Во рамките на мисијата, Тјенвен-2 ќе го проучува астероидот од орбита, ќе собере примероци од неговиот материјал и ќе ги врати на Земјата.

„Меѓу познатите астероиди во близина на Земјата, 2016 HO3 претставува исклучително редок коорбитален објект на Земјата“, објасни физичарот Жанг Жунчао од Пекиншкиот центар за истражување на Месечината и вселенско инженерство.

„Како квазисателит на Земјата, периодот на неговата орбита е многу сличен со Земјиниот, што им овозможува на вселенските летала да стигнат до него со мала потрошувачка на енергија. Во исто време, тој одржува стабилна оддалеченост од Земјата, што создава поволни услови за следење, контрола и комуникација“, истакна тој.

Истражувачите нагласуваат дека необичната орбита на Камо’оалева, неговото мистериозно потекло и бројните неодговорени прашања за неговите физички својства претставуваат извонредна можност за подобро разбирање на настанокот на квазисателитите на Земјата и еволуцијата на нивните орбити.

Примероците што ќе бидат донесени на Земјата треба да помогнат во потврдувањето на теоријата, заснована на телескопски набљудувања, според која Камо’оалева всушност е откинат дел од Месечината.

По околу девет месеци поминати во близина на Камо’оалева, Тјенвен-2 ќе го продолжи своето патување кон кометата 311 P, која се наоѓа во главниот астероиден појас меѓу Марс и Јупитер. Пред тоа, при прелетот покрај Земјата, сондата ќе исфрли капсула со собраните примероци.

Кометата 311 P го привлекува вниманието на научниците со својата необична опашка со шест краци, додека нејзината форма сè уште останува непозната. Токму затоа таа ќе биде следната цел на истражувањето на кинеската сонда. Бидејќи се наоѓа на патеката на мисијата Тјенвен-2, претставува идеална мета за продолжување на истражувањата.

Станува збор за амбициозна вселенска мисија, посветена на проучување на малите небесни тела, чии научни резултати се очекуваат со голем интерес, пренесува порталот „Index“.