Во јули 1979 година на пазарот се појави првиот личен касетофон – „Sony Walkman“. Во суштина, стануваше збор за прилично едноставен изум, создаден врз основа на веќе постоечка, но модифицирана технологија. Сепак, токму овој уред ги освои срцата на милиони луѓе и стана неприкосновен симбол на осумдесеттите години од минатиот век.
Во текот на четири децении, „Sony“ претстави повеќе од 1.000 различни модели на „Walkman“ и продаде повеќе од 420 милиони примероци. Производството на моделите што користеа касети продолжи сè до 2010 година, долго откако CD-дисковите веќе доминираа на пазарот.
Сè започнало по специјална нарачка на легендарниот претседател на „Sony“, Масару Ибука.
До тој момент, првото технолошко „чудо“ што им овозможи на луѓето да носат музика со себе беше транзисторот. Овој радио-приемник, кој беше присутен уште од средината на педесеттите години, беше евтин, сигурен и пренослив. Секако, квалитетот на звукот не можеше да се спореди со грамофонските плочи на домашните стерео-системи, но тоа беше единствената технологија што им овозможуваше на корисниците да слушаат музика додека се движат.

Сè до 1979 година, кога Ибука побарал од своите инженери да создадат нешто подобро. Тој често патувал, а на меѓународните летови со себе носел еден од тогашните „Sony“ преносливи стерео-магнетофони. Но, моделот „Sony TC-D5“ тешко можел да се нарече пренослив според денешните стандарди, бидејќи бил тежок и исклучително гломазен уред.
Поради тоа, Ибука побарал од својот тогашен заменик Норио Ога да осмисли нешто попрактично. Работејќи врз постоечкиот производ „Pressman“ – пренослив моно касетофон, популарен меѓу новинарите во тоа време – Ога ја отстранил функцијата за снимање и создал сосема нов уред, кој успеал да му го предаде на Ибука на тестирање непосредно пред неговиот следен лет.
Тој прв прототип на „Walkman“ барал големи слушалки и специјално изработени батерии, кои, очекувано, се испразниле на половина од патувањето. Но, претседателот на компанијата бил воодушевен од квалитетот на звукот и преносливоста.
И покрај тоа, многумина во самата компанија се сомневале дека воопшто постои пазар за таков уред. Кој навистина би купил касетофон што не може да снима, туку служи само за репродукција на музика?

Одговорот на Ибука бил едноставен:
„Зарем не мислите дека стерео касетофон што можете да го слушате додека пешачите е одлична идеја?“
Се покажало дека тоа било повеќе од одлична идеја.
Инженерите успеале да подготват сигурен производ за продажба за само четири месеци. Почетната цена изнесувала 30.000 јени, што во тоа време било околу 150 долари. Тајмингот бил совршен – „Walkman“ бил пуштен во продажба непосредно пред почетокот на летниот распуст на јапонските студенти.

Сепак, во текот на првиот месец, побарувачката била слаба. Почетната серија од 30.000 уреди изгледала премногу амбициозно, откако во јули 1979 година биле продадени само 3.000 примероци.
Но, потоа следувала иновативна маркетинг-кампања. Претставниците на „Sony“ едноставно им приоѓале на случајни минувачи по улиците на Токио и им нуделе можност да го испробаат „Walkman“.
Производот веднаш станал огромен хит. Сите резерви биле распродадени пред крајот на август, означувајќи го почетокот на една од најголемите успешни приказни во историјата на „Sony“, но и на целата електронска индустрија.












