Фиго го издвои главниот виновник за лошиот резултат: Ова е најсрамното СП за Португалија…

Дерби

07/07/2026

14:50

302

Големина на фонт

а а а

Португалија на хартија важи за селекција која има супер квалитетни играчи, играчи од најсилните лиги, играчи со доста титули и токму поради ова земјата од Пиринеите имаше статус на еден од главните фаворити за пехарот на Светското првенство.

Меѓутоа поранешните европски шампиони имаа лош настап на мундијалот, забележаа само една победа во групната фаза против Узбекистан, потоа на стартот на нокаут фазата дојдоа до среќна победа над Хрватска за да вчера загубат од Шпанија со 1-0 и тука го завршат учеството на 23. фудбалски мундијал.

Допрва ќе се прават анализи, ќе се носат важни одлуки, но кога нема резултати има критики, се бараат виновници, а славниот Луис Фиго прстот го впери кон селекторот Роберто Мартинез.

- Не сум изненаден што загубивме од Шпанија бидејќи имаме несреќа да имаме просечен тренер кој секогаш има среќа да добие големи работни места. Роберто Мартинез е истиот тренер кој не можеше да освои ништо со златната генерација на Белгија. Тој ја напушти Белгија за да стане селектор на Португалија. Кога ќе ги погледнете играчите што ги имаме – Бруно Фернандеш, Витиња, Жоао Невеш, Нуно Мендеш, Гонсалo Рамос, Педро Нето, Жоао Феликс и Кристијано Роналдо – јасно е дека имаме сè што ни е потребно за да го освоиме Светското првенство, - вели Фиго и продолжува:

- Ова е најсрамното Светско првенство за Португалија. Не можевме да го победиме ДР Конго, го победивме Узбекистан, ремизиравме со Колумбија, ја победивме Хрватска и загубивме од Шпанија. Тоа се само две победи во пет натпревари. Под негово водство ја загубивме соблекувалната. Тој објави дека ќе ја напушти Португалија по Светското првенство. Уште една златна генерација е уништена. Најлудото нешто е што по сето ова тој би можел да добие уште една голема работа, - истакна Луис кој проговори и за Роналдо.

- Роналдо е легенда на овој спорт. Она што го направи за нашата земја никогаш нема да биде заборавено. Мило ми е што се пензионира за да им даде можност на помладите генерации да продолжат таму каде што застана, - заврши легендата на португалскиот фудбал.