Вулканот Еребус на Антарктикот е единствениот познат вулкан во светот што од својата внатрешност исфрла чисто злато, а ветерот може да ги однесе неговите микроскопски честички и до 1.000 километри од местото на ерупцијата.
Сместен на островот Рос во Росовото Море, на околу 1.350 километри од географскиот Јужен Пол, Еребус се издига на 3.792 метри надморска височина.
Станува збор за најјужниот активен вулкан во светот, чиј кратер со децении е исполнет со трајно езеро од лава.
Иако речиси цела година, сè до самиот врв, е покриен со снег и мраз, по своето однесување не се разликува значително од многу други вулкани. Повремено исфрла лава, вулканска пепел и облаци од вжештени гасови.
Но, истражувачите утврдиле дека во таа мешавина се наоѓаат и ситни честички од чисто злато. Сепак, тоа не значи дека патувањето на Антарктикот би можело да донесе лесно богатство.
Имено, Еребус секој ден исфрла околу 80 грама златна прашина во форма на микроскопски кристали, кои ветерот може да ги однесе и до 1.000 километри, а можеби и подалеку, пишува порталот „Science Alert“, а пренесува „N1 Словенија“.

Единствениот вулкан што исфрла „чисто злато“
Присуството на злато во вулканските емисии не е невообичаено. Всушност, Еребус не е вулканот што исфрла најголеми количества злато. На пример, Етна дневно може да исфрли и до 2,5 килограми.
Сепак, постои една клучна разлика. Додека кај другите вулкани златото е врзано во хемиски соединенија или се ослободува во гасовита форма, Еребус во атмосферата исфрла „чисто злато“.
Планината Еребус е единствениот вулкан за кој постојат директни докази дека златото од неговата внатрешност кондензира во поединечни кристали од елементарно злато, кои потоа вулканот ги исфрла во атмосферата.

Прашањето што ги збунува научниците: Како се издвојува златото?
Научниците и понатаму се обидуваат да откријат како златото успева да излезе од магмата и зошто се одвојува од хемиските соединенија, формирајќи кристали со големина меѓу 20 и 60 микрометри.
Според еден модел што го предложиле истражувачите, златото во магмата создава испарливи соединенија со хлор. Тие соединенија, заедно со вулканските гасови, излегуваат во атмосферата, каде што постепено се ладат. При ладењето, од нив кристализира злато, кое потоа се таложи врз антарктичкиот мраз.
Но, овој модел има еден недостаток. Вулканските гасови содржат многу мали количества злато, па во такви услови спонтаното создавање на толку правилно обликувани кристали во воздухот е малку веројатно.
Друго можно објаснување е дека кристалите од злато постепено се формираат во кората што се создава на површината на езерото од лава, по што вулканските гасови ги подигнуваат високо во атмосферата.
Иако поминаа повеќе од 30 години од откривањето дека вулкан опкружен со пермафрост исфрла кристали од злато, начинот на кој Еребус ги создава и исфрла овие ситни кристали сè уште останува неразјаснет.














