Летниот период е време од годината кога уживаме во различни видови овошје. Јагоди, диња, праски, капини и малини се само дел од нив, а кај нас посебно место имаат кајсиите.
Постојат многу начини на кои можеме да ги консумираме: свежи, како сок, џем, но и како состојка во разни десерти. Затоа денес ви подготвивме рецепт за овошен колач во кој особено ќе уживаат љубителите на ледените коцки.
Ледените коцки со кајсии се вкусен десерт за чија подготовка не ви се потребни ниту јајца ниту брашно, а ќе ве освојат со својот неодолив вкус.
Состојки:
За кора:
1 литар млеко
200 гр гриз
150 гр шеќер
100 гр бело чоколадо
1 ванилин шеќер
За фил:
500 мл млеко
150 шеќер
2 пудинзи од ванила
2 ванилин шеќери
400 мл слатка павлака
400 кајсии
1 лажица арома од кајсија
Подготовка:
Сварете го гризот во млеко заедно со шеќерот, а потоа додајте ја белата чоколада. Кога ќе добиете густа и изедначена смеса, истурете ја во тепсија.
Потоа сварете го пудингот во млеко и оставете го целосно да се излади. Изматете ја слатката павлака, па соединете ја со изладениот пудинг. Во филот додајте ги сечканите кајсии, аромата од кајсија и сè добро измешајте.
Распоредете го филот врз кората и ставете го колачот во фрижидер околу два часа за да се стегне.
Исечете го на коцки, а секоја коцка украсете ја по желба со кајсии.








