Левица бара итно да се увезе лекот еритропоетин и одговорност од министерот Алиу и директорите на ФЗОМ и МАЛМЕД

Макфакс

01/07/2026

11:20

191

Големина на фонт

а а а

Политичката партија Левица алармира за недостиг на лекот еритропоетин во здравствениот систем и бара итен увоз и одговорност од министерот за здравство, директорот на ФЗОМ и Малмед за сериозниот проблем кој го загрозува здравјето на пациенти со хронични бубрежни заболувања.

Политичката партија Левица изразува сериозна загриженост поради жалбите на пациенти со трансплантиран бубрег и пациенти на дијализа дека во здравствениот систем постои недостиг од еритропоетинска терапија (EPO), вклучително и препаратите Recormon и други еквивалентни лекови, кои претставуваат незаменлив дел од третманот за контрола на анемијата кај пациентите со хронични бубрежни заболувања.

„Лекот веќе извесен период не е достапен во здравствените установи, при што надлежните институции не обезбедиле соодветна терапевтска замена ниту јасен временски рок за надминување на проблемот. Поради тоа, дел од пациентите се принудени самостојно да набавуваат терапија од странство, додека други остануваат без неопходниот третман, додека нивното здравје и живот се во сериозен ризик“, велат од Левица.

Од партијата наведуваат дека ваквите пропусти не се изолиран инцидент, туку се уште една потврда за несериозниот пристап во управувањето со јавното здравство на Владата и Министерството за здравство под раководство на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Наместо навремено планирање, сигурно снабдување и одговорно менаџирање со јавните ресурси, велат од Левица, граѓаните повторно се оставени сами да се снаоѓаат за терапија од која директно зависи нивниот живот.

Левица бара Министерот за здравство Азир Алиу, директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, како и директорот на Малмед Сабри Алити итно да ја информираат јавноста за причините за недостигот на еритропоетинската терапија, да презентираат конкретен план за нормализирање на снабдувањето и без одлагање да обезбедат достапност на лековите за сите пациенти на кои им се неопходни со интервентивен увоз во најкус можен рок. Истовремено, очекуваме да биде утврдена и институционална одговорност доколку се покаже дека станува збор за пропуст во планирањето, јавните набавки или управувањето со здравствениот систем“, велат од Левица.