Стотици граѓани вечерва се собраа на платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје за да му оддадат последна почит на легендарниот македонски пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски, кој почина во неделата на 66-годишна возраст.
Местото не беше избрано случајно. Токму во арената „Борис Трајковски“, во февруари годинава, Јаневски го одржа својот последен голем солистички концерт, а вечерва неговите песни повторно одекнуваа, овојпат како симболичен поздрав од публиката.
Со запалени свеќи во рацете и светлата од мобилните телефони насочени кон небото, присутните создадоа емотивна атмосфера и ѕвездено небо, додека заедно ја пееја една од неговите најпознати песни – „Некогаш и негде“.
На собирот присуствуваа бројни почитувачи, колеги и пријатели на Јаневски, меѓу кои и Марко Маринковиќ Слаткар, како и Ѓорѓе Николиќ.
Пред насобраните се обрати водителот Марко Марк, кој истакна дека Владо Јаневски остави неизбришлива трага во македонската музика со својот препознатлив авторски печат и песни што ги надживуваат генерациите.

Свои сеќавања и зборови на почит споделија и долгогодишните соработници на Јаневски – музичарот Влатко Плевнеш, како и Стево Чепишевски, кои зборуваа за неговата професионалност, човечност и огромниот придонес кон македонската музичка сцена.
Владо Јаневски почина по кусо боледување, оставајќи зад себе богато музичко наследство и песни кои со децении останаа дел од животите на многу генерации. За 7 август беше најавен и негов солистички концерт на Античкиот театар во Охрид, кој требаше да биде уште една средба со неговата публика.











