Статијата известува за изложбата на мозаици на академскиот мозаичар Ѓорѓи Томовски во Охрид, каде што ќе бидат прикажани 30 дела што симболизираат 30 години негово творештво, како и за неговиот придонес во уметничката сцена и педагошката работа.
Во сабота, 4-ти јули, во Куќата на Уранија во Охрид ќе се отвори изложба на мозаици на академскиот сликар и мозаичар Ѓорѓи Томовски. На изложбата ќе бидат прикажани 30 мозаици, симболично претставувајќи ги 30-те години активно творештво на авторот во оваа вековна сликарска техника, a на отворањето свој музички перформанс ќе има професорот Драган Даутовски.
Томовски е еден од ретките мозаичари на овие простори кој активно работи во оваа техника. Неговите теми се универзални и безвременски, а мозаиците ги изработува со исклучителна прецизност и посветеност.
Тој дипломира и магистрира на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, но мозаичарскиот занает го учи напоредно со студиите во ателјето на професорот и академик Газанфер Бајрам.
Таму, низ еден долгогодишен процес, работејќи на големи проекти, го усовршува својот специфичен ракопис кој веќе 16 години го практикува во своето студио за мозаик во кое се создадени овие мозаични дела.
Своето знаење Томовски несебично го пренесува на учениците во Средното уметничко училиште каде што работи како професор по применето сликарство.







