Сиљановска-Давкова разговараше со Вучиќ: Потврдени добрите односи меѓу Скопје и Белград

Макфакс

01/07/2026

10:31

156

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова имаа телефонски разговор во кој потврдија подготвеност за унапредување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји, особено во економските и регионалните прашања.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, на социјалните мрежи објави дека имал телефонски разговор со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во кој, како што вели, ја потврдиле подготвеноста за натамошно унапредување на билатералната соработка и добрососедските односи меѓу двете земји.

Во објава на Инстаграм, Вучиќ вчеравечер напиша дека во разговорот се разменети мислења за важни регионални прашања, можностите за продлабочување на соработката и за посилно поврзување во областите од заеднички интерес.

„Содржинскиот разговор со Гордана Сиљановска-Давкова потврди дека меѓу нашите земји постои подготвеност да продолжиме да ги развиваме блиските и пријателски односи. Разменивме мислења за важни регионални прашања, понатамошно унапредување на соработката и можностите за уште посилно поврзување во областите од заеднички интерес. Србија останува посветена на зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот, како и на јакнењето на соработката со Северна Македонија. Тоа е во интерес на граѓаните на двете земји и на целиот регион“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Според Вучиќ, разговорот претставува потврда на заедничката определба на Белград и Скопје за понатамошно унапредување на економската соработка, инфраструктурното поврзување и заедничките напори за зачувување на мирот и стабилноста во регионот.