„Ford“ повторно вработи повеќе од 300 инженери бидејќи AI не ги исполни очекувањата

Точка

30/06/2026

07:24

739

Големина на фонт

а а а

Американскиот производител на автомобили „Ford“ соопшти дека повторно ангажирал повеќе од 300 искусни инженери и контролори на квалитет, откако системите базирани на вештачка интелигенција (AI) не ги исполниле очекувањата во процесот на контрола на производството, пренесува „BBC“.

Компанијата претходно воведе AI алатки во дел од своите производствени процеси, вклучувајќи контрола на квалитетот и следење на производствените линии, со цел да ги намали трошоците и да ја зголеми ефикасноста. Сепак, раководството на „Ford“ наведува дека автоматизираните системи не успеале да го заменат искуството на долгогодишните стручњаци.

Потпретседателот за инженеринг на возила, Чарлс Пун, изјави дека вештачката интелигенција е „фантастична алатка, но само онолку добра колку што се добри податоците и знаењето врз кои е обучена“, пренесува британскиот јавен сервис „BBC“.


Тој додаде дека компанијата претходно не го искористила доволно искуството на своите најискусни инженери, кои со години работеле на развојот на возилата, што довело до проблеми при примената на AI системите.

Според компанијата, „Ford“ повторно ангажирал околу 300 „ветерани“ од областа на контролата на квалитетот, со цел да ги пополни празнините што настанале поради прекумерното потпирање на автоматизацијата. Овие експерти сега активно учествуваат и во обуката, како и во унапредувањето на AI системите.


Од компанијата соопштија дека паралелно биле спроведени и кадровски промени во повеќе сектори, вклучувајќи ги инженерингот и синџирот на снабдување, како дел од пошироката стратегија за подобрување на квалитетот.

Главниот извршен директор на „Ford“, Џим Фарли, претходно изјави дека вештачката интелигенција значително ќе влијае врз работната сила, но компанијата сега истакнува дека токму „враќањето на искуството“ било клучно за подобрување на квалитетот на производството.


„Ford“ неодамна повторно го освои првото место меѓу американските производители во студијата за иницијален квалитет на „J.D. Power“, а од компанијата наведуваат дека овој успех е директно поврзан со промените во пристапот кон производството.