Илјадници посетители на втората вечер од Културното лето во Кисела Вода, вечерва настапуваат 2 Бона и Војаж

Макфакс

28/06/2026

13:30

191

Големина на фонт

а а а

Втората вечер од манифестацијата „Културно лето“ во Општина Кисела Вода привлече илјадници посетители на плоштадот „Расадник“, каде публиката уживаше во настапите на повеќе познати музички имиња, соопшти Општина Кисела Вода.

Музичката програма започна со настап на диџеј Марио Трампет, по што следуваа Влатко Миладиновски и Влатко Лозаноски – Лозано. Настапот на Лозано беше дополнително одбележан со прослава на неговиот 41. роденден, при што пред публиката симболично ги изгасна свеќичките на роденденската торта.

Голема атмосфера, според соопштението, приреди и раперот Таско, кој настапи со своите најпознати хитови. Настапот го одбележа и емотивен момент, бидејќи неговата 75-годишна баба Павлинка за првпат присуствувала на негов концерт за да му даде поддршка.

Покрај музичката програма, во паркот „Шопен“ се одржа и традиционалната Коријада во организација на Здружението на пензионери од Кисела Вода, збогатена со изложба на ракотворби изработени од деца со посебни образовни потреби. Собраните средства од настанот ќе бидат наменети за помош на семејствата погодени од елементарни непогоди.

Од Општина Кисела Вода информираат дека програмата продолжува и денес. Претпладнето во паркот „Македонија“ беше организиран „Семеен ден“ со аниматори, танцови настапи и детска музичка програма.

Главната музичка програма продолжува вечерва

Главната музичка програма продолжува вечерва на плоштадот „Расадник“ со почеток во 20 часот. Предвидени се настапи на локални млади бендови и диџеј Доријан, а главни ѕвезди на вечерта ќе бидат македонското хип-хоп дуо 2бона и балканскиот изведувач Војаж.