Една година откако поднесе документи, Арсовска бара одговор од Обвинителството дали е отворен предмет за дивоградбите во Чаир

Макфакс

25/06/2026

11:34

2.427

Големина на фонт

а а а

Данела Арсовска, поранешна градоначалничка на Скопје, бара одговор од Обвинителството дали е отворен предмет за дивоградбите во Општина Чаир, една година откако достави докази за незаконска легализација на бесправни објекти.

Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, побара одговор од Обвинителството дали е оформен предмет за дивоградбите во Општина Чаир. Таа потсетува дека е поминато повеќе од една година откако достави документи со кои, како што вели, се докажува незаконска легализација на бесправни објекти.

„Дали по документацијата доставена од Град Скопје и примена на 31.05.2025 година е оформен предмет во Јавното обвинителство, кој е бројот на предметот и кога истиот е оформен, кој јавен обвинител при ОЈО е надлежен за постапување и во која фаза се наоѓа постапката во моментот на одговорот на ова барање? Дали по наводите за употреба на фалсификувани службени исправи, легализација на бесправни објекти врз основа на фалсификувани документи односно документи кои не постојат во службената евиденција и спроведување на решенија засновани на наводно неверодостојни исправи се преземени дејствија од страна на Јавното обвинителство“, прашува Арсовска.


Во барањето на Обвинителството, таа исто така бара одговор дали се побарани и обезбедени оригиналните списи од Општина Чаир и Агенцијата за катастар на недвижности, дали се извршени разговори, распити или прибирање известувања од службени лица поврзани со наведените предмети и дали е донесена јавнообвинителска одлука по предметот и доколку е донесена каков вид на одлука е донесена, кога е донесена, дали е поведена истражна постапка и дали е поднесен обвинителен акт?

Исто така, Арсовска бара одговор доколку предметот сè уште е активен, кои дејствија се преземени во периодот од 31.05.2025 година до денот на одговорот на ова барање и каков е исходот од постапувањето по службена должност на Јавното обвинителство врз основа на содржината на доставените докази и приложените документи од 31.05.2025 година?


„Барам да бидам информирана дали обвинителството при оценката на предметот го земало предвид ризикот што произлегува од долготрајното непостапување, односно можноста со текот на времето да се влијае врз сведоци, да се отежни обезбедувањето на докази, да се намали нивната доказна вредност или на друг начин да се попречи ефикасното водење на постапката, како и дали во таа насока биле преземени соодветни мерки за заштита на јавниот интерес и законитоста?“, вели Арсовска.

Според неа, постои основан јавен интерес да се добие објаснување дали пролонгирано постапување и одолговлекување во овој случај се должи на објективни процесни причини или постојат други околности што влијаат врз динамиката на постапката, со цел да се отстранат сите сомнежи за евентуален нееднаков третман, селективност или несоодветни влијанија врз процесот на одлучување, бидејќи времетраењето на постапувањето отстапува од постапување во други предмети со слична правна и фактичка основа, во кои јавнообвинителските одлуки се донесуваат во значително пократки рокови.