На европското крајбрежје се шири опасна бактерија што „јаде месо“: Дел од плажите веќе се затворени

Точка

24/06/2026

20:32

2.019

Големина на фонт

а а а

Додека милиони Европејци го планираат летувањето на крајбрежјето, експертите предупредуваат на закана што се шири во загреаните морски води.

Станува збор за бактеријата „Vibrio“, позната како „бактерија што јаде месо“, која може да предизвика тешки инфекции, а нејзиното присуство во последниве години сè почесто се регистрира на европските плажи.

Поради зголемениот ризик, некои плажи во Шпанија веќе се затворени, додека научниците предупредуваат дека климатските промени создаваат идеални услови за нејзино ширење низ целиот Медитеран.

Во последните години, долж европските крајбрежја сè почесто се издаваат здравствени предупредувања и се воведуваат ограничувања за капење поради загадувањето и појавата на потенцијално опасни микроорганизми. Зад овие појави стојат рекордните температури на морето, сè почестите топлотни бранови и промените во морските екосистеми, кои создаваат поволни услови за развој на бактерии како „Vibrio“.


„Медитеранот ни покажува како изгледа еден потопол свет“, изјавил за „Јуроњуз“ Хатим Азнаг, аналитичар за климатска акција и енергетска отпорност при Унијата за Медитеранот. „Земјите што го делат ова море сè уште можат заеднички да најдат решение“, додал тој.

Бактеријата „Vibrio“ е микроорганизам што природно живее во морските и соленкастите води, особено во областите каде што реките се влеваат во морето.

Според податоците на Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), „Vibrio“ е водна бактерија што може да се најде во морските плодови, а одредени соеви можат да предизвикаат заболувања — од гастроентеритис до тешки и потенцијално смртоносни инфекции.

Меѓу најзначајните видови во Европа се „Vibrio vulnificus“, „Vibrio parahaemolyticus“ и одредени варијанти на бактеријата „Vibrio cholerae“. ЕФСА предупредува дека инфекцијата може да се пренесе преку консумирање сирови морски плодови или преку контакт на отворени рани со морска вода. „Vibrio е близок сродник на бактеријата што предизвикува колера, иако предизвикуваат многу различни заболувања“, објаснува организацијата „Гави“.


Во потешки случаи, инфекцијата може да доведе до некротизирачки фасциитис — состојба при која ткивото околу раната многу брзо пропаѓа. Бактеријата може да навлезе и во крвотокот и да предизвика сепса, а во некои случаи е потребна ампутација на зафатениот екстремитет.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести предупреди на зголемен ризик од инфекции со бактеријата „Vibrio“ во текот на летните месеци, особено за време на топлотни бранови и во плитките крајбрежни води.

Експертите предупредуваат дека бактеријата „Vibrio“ не е главниот проблем, туку показател за сè посериозните промени во морските екосистеми предизвикани од климатските промени. Медитеранот, едно од морињата што најбрзо се загреваат во светот, поради повисоките температури, загадувањето и промените во соленоста, станува сè попогодна средина за развој на патогени бактерии.

Освен ризикот за здравјето, нивното ширење може да има и сериозни последици за туризмот и локалните економии. Затворањето на плажите и здравствените предупредувања во текот на сезоната директно ги погодуваат туристичките дестинации, додека експертите предупредуваат дека станува збор за проблем на сегашноста, а не на далечната иднина.