Општина Кисела Вода го најави Културното лето: од петок, три дена забава за 71-виот роденден на најстарата скопска општина

Макфакс

23/06/2026

14:00

232

Големина на фонт

а а а

Општина Кисела Вода најави тридневна фестивалска програма по повод 71-от роденден на општината, со настапи на македонски и балкански музички ѕвезди и богата културна понуда на повеќе локации во општината.

Денес Општина Кисела Вода одржа прес-конференција на која официјално го најави претстојното „Културно лето“, манифестација со која се одбележува 71-от роденден на најстарата скопска општина. Под слоганот „Кисела Вода – најстарата скопска приказна, 71 година културен печат на градот“, присутните ги очекува, според најавата тридневна богата фестивалска програма. На пресот, беа присутни и дел од ѕвездите кои ќе настапат, меѓу кои Лозано, Андријана Петрушевска, Никола Станишиќ, Таско, диџеј Марио Трампет и дечињата од хорот „Киселко“, Јован Мицкоски и Катја Ѓеорѓиевска.

Во своето обраќање, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска нагласи дека изборот на артистите воопшто не е случаен, туку е конципиран директно преку слушање на желбите на самите граѓани. Таа изрази и посебна гордост што голем дел од ѕвездите кои ќе настапат потекнуваат токму од Кисела Вода.

-Затоа на нашата сцена ќе настапат најголемите македонски музички имиња, како и познати балкански ѕвезди, како продукт на она што го бараше публиката. Со овој избор покажавме дека искрено се грижиме да има содржини за сите вкусови и за буквално сите генерации. Концептот е строго фестивалски: секоја вечер, на различни локации, ќе имаме по неколку концерти и богата и квалитетна програма- изјави Стаменкоска Трајкоска.

Тридневната забава од 26-ти до 28-ми јуни 2026 година ќе се одвива на неколку локации ширум општината.

Фестивалот започнува во петок, 26 јуни, кај Крстот во Драчево со настапите на КУД „Китка“, Андријана Петрушевска, групата „Љубојна“ со бенд од ученици и Никола Станишиќ. Саботната програма ќе започне во паркот Шопен, каде што покрај традиционалната Коријада на Здружението на пензионери на Кисела Вода и хорот на Вања Лазарова, ќе се одржи и хуманитарна изложба на рачни изработки од децата со попреченост од Кисела Вода.

Вечерта забавата се сели во паркот Расадник со диџеите Марио Трампет и Доријан, по што следуваат извонредните музички настапи на едни од најголемите домашни ѕвезди – Влатко Миладиновски, Лозано и Таско.

Во недела претпладне, паркот Македонија ќе биде центар за најмладите каде во рамки на „Семеен ден“ присутните ќе имаат можност повторно да ги чујат хитовите од детскиот фестивал „Киселко“ и да го проследат настапот на танцувачкото училиште „Данса Латина Стефи“. Истата вечер, одличната фестивалска програма продолжува во паркот Расадник. Откако атмосферата ќе ја загреат младите бендови, талентираните ученици од општина Кисела Вода и диџеите, пред публиката ќе се претстават добро познатите 2Bona, а финалето на вечерта е резервирано за големата балканска музичка ѕвезда Voyage. Официјалниот ден на општината, 29-ти јуни, традиционално ќе биде одбележан во поформален амбиент, преку свечена седница на Советот на Општина Кисела Вода, на која најзаслужните граѓани ќе добијат статуетки-клучеви како признание за нивниот траен белег во општината.