Гаши од Бугарија: Отворената комуникација и взаемното почитување се единствените алатки способни за надминување на историските поделби

Макфакс

23/06/2026

14:50

204

Големина на фонт

а а а

Африм Гаши, претседател на Собранието на Северна Македонија, истакна дека отворената комуникација и взаемното почитување се клучот за надминување на историските поделби и зајакнување на добрососедските односи во Југоисточна Европа, нагласувајќи ја и важноста на европската интеграција на регионот.

Делегација на Собранието и учество на 13. Пленарна сесија во Софија

Делегација на Собранието во состав Африм Гаши, претседател на Собранието, како и пратениците Петар Ристески и Илир Демири, членови на Делегацијата во ПС на ПСЈИЕ, учествуваат во работа на 13. Пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ што се одржува од 21 до 23 јуни 2026 година во Софија, Бугарија.

Работа на комисиите и бугарското претседателство

Во рамките на Пленарната сесија се одржаа седници на Постојаниот комитет како и на Генералната комисија за економија, инфраструктута и енергетика, Генерална комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка, како и Генералната комисија за социјален развој, образование, истражување и наука на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ). Сите состаноци се одржуваат во рамките на бугарското претседателство со ПСЈИЕ 2025-2026.

Настапот на Африм Гаши

На генаралната дебата на Пленарната сесија на тема: Зајакнување на добрососедските односи и европската перспектива на регионот настапи претседателот на Собранието, Африм Гаши.

„Во време на сериозни геополитички предизвици, кога Европа се соочува со нови безбедносни, економски и социјални предизвици, Југоисточна Европа има обврска да покаже политичка зрелост, визија и одговорност. Нашите граѓани очекуваат стабилност, развој и европска иднина, а наша задача е да ги исполниме тие очекувања преку дијалог и соработка.

Парламентите се местото каде што демократијата ја наоѓа својата суштина, а токму преку парламентарната дипломатија можеме да придонесеме за посилна регионална поврзаност и поголема меѓусебна доверба“, рече Гаши.

Посветеност на Северна Македонија

Северна Македонија, додаде тој, останува длабоко посветена на негувањето на добрососедските односи.

„Цврсто веруваме дека отворената комуникација и взаемното почитување се единствените алатки способни за надминување на историските поделби. Со тоа што седиме на иста маса и ги синхронизираме нашите законодавни рамки, ние не само што ги решаваме разликите — туку активно градиме мостови.

За Република Северна Македонија, европската интеграција не е само политичка цел. Таа е стратешка определба која е поддржана од генерации на граѓани повеќе од три децении. Нашата земја помина исклучително тежок и комплексен пат. Донесовме тешки одлуки, направивме историски компромиси и покажавме подготвеност за решавање на отворените прашања со нашите соседи, секогаш водени од визијата за заедничка европска иднина.

Наспроти исполнетите критериуми и позитивните оценки од европските институции, процесот честопати беше изложен на билатерални условувања кои создадоа чувство на неправда меѓу нашите граѓани.

Сепак, ние остануваме цврсто посветени на европските вредности. Веруваме дека тие добрососедските односи се темелот на стабилноста и дека сите отворени прашања можат да се решат единствено преку дијалог, взаемно почитување и разбирање“.

Поглед кон иднината

Веруваме, додаде Гаши, дека европската интеграција на Западен Балкан е од заеднички интерес за целиот континент.

„Затоа очекуваме процесот на пристапување да биде предвидлив, фер и базиран на европски критериуми. Секое понатамошно одложување не само што ги ослабува кандидатите, туку и ја намалува довербата во самиот европски проект.

Мораме да ја забрзаме нашата заедничка работа во рамките на Стратегијата JИЕ2030 (SEE2030). Со унапредување на нашата дигитална трансформација, заштита на нашиот човечки капитал и поттикнување на регионалната конкурентност, покажуваме дека не само што ја чекаме Европската Унија — туку активно ги градиме европските стандарди дома.

Нашата генерација има историска одговорност да ја заокружи европската интеграција на Југоисточна Европа. Да покажеме дека соработката е посилна од конфликтот, дека дијалогот е помоќен од блокадите и дека европската иднина е поважна од секојдневните политички разлики.

Да продолжиме да градиме регион на доверба, стабилност и просперитет, регион кој ќе биде целосно интегриран во европското семејство“.