[ВИДЕО] Сопругата на Андреј од ДНК со болна исповед во „Претрес“: „Да не се врател да спасува, веројатно би си го одзел животот“

Точка

11/06/2026

16:20

871

Големина на фонт

а а а

Наталија Ѓорѓиеска, сопруга на трагично загинатиот Андреј од групата ДНК кој го загуби својот живот во пожарот во кочанската дискотека, гостуваше во поткастот „Претрес со Ландов“ на новинарот Кристијан Ландов.

Во своето емотивно и болно обраќање, таа проговори за човекот кој стоел на сцената, откривајќи детали од неговиот живот и хуманост кои досега не биле познати за јавноста. Наталија изјави дека е премногу горда на човекот којшто го имала во својот живот, но тажна бидејќи повеќе не е со нас.

„Од друга страна, сум благодарна што сум имала прилика да бидам дел од неговиот живот и тој од мојот. Би сакала, ете, да им порачам неговото дело и неговиот лик никогаш да не го заборават. Јавноста знае многу мал дел од неговите хуманитарни акции. Тој, вон работните обврски, имаше навика да помага без разлика дали е тоа финансиски, без разлика дали треба да му се помогне на некој да се платат сметки, да се донесе мебел, можеби има некој болен во своето семејство, па дури и кога беше во поплавата во Стајковци, тој и Панчо помагаа да се одглави некој од калта, помагаа да се спаси некој живот“, рече Наталија.

Навраќајќи се на ноќта на пожарот, таа изјави дека Андреј не би можел да живее со чувството ако не се вратил да спасува животи во дискотеката „Пулс“ додека горела.

„Јас не бев изненадена. Некако, последователно очекував дека ако не го направил тоа, тоа не би бил тој. Дури и имам доста слободно време да размислувам на таа тема што би било, кога би било и да се спасел. Познавајќи го Андреј, мислам дека не би можел да премине преку тоа, 60 луѓе да загинат, а тој да е помеѓу живите. Едноставно мислам дека самиот тој би си го одзел животот“, рече Наталија, а потоа се наврати на неговата хуманост.

„Едноставно тоа го имаше како однатре да го тераше, тој не можеше да седи мирен, чувствуваше одговорност и должност да помогне. Едноставно не можеше да помине туку-така покрај туѓа болка, покрај потреба некому да му се помогне. Многу често сум била сведок, поминува покрај нас човек кој што се гледа дека нема, а и има многу луѓе кои што просат на улици, за жал. Тој секогаш бил спремен, моментално пакува од дома сѐ што има, дава. Дали има пари во џеб, дава. Секогаш давал. Никогаш за себе не гледал. Дури и во нашето семејство секогаш гледал мене и Јана да нѐ стави на пиедестал и за нас да придонесе, додека тој бил во позадина“, раскажа сопругата на Андреј.


Наталија го опиша Андреј како исклучително посветен сопруг и татко кој секогаш се трудел да го заштити своето семејство.

„Нè чуваше под едно стаклено ѕвоно и се обидуваше да нè заштити од сè. Би ѝ посакала на секоја жена да има таков човек и таков пријател покрај себе“, рече таа.

Наталија зборуваше и за моментот кога морала да ѝ соопшти на ќерката Јана што се случило...

„Во тој момент ќерка ми знаеше дека нешто се случува... Ние тројца отсекогаш дома сме имале отворен однос, немало тајни, уште дента јас ѝ соопштив на мојата ќерка дека нејзиниот татко е некаде далеку на небото.

Јана некако не го прифаќа ова, имаше еден период кога буквално 24 часа беше затворена во соба и воопшто не комуницираше со никој, не ја интересираше ништо, буквално кога и да влезев во соба – немаше одговор, не јадеше, не знам како да ви опишам, таа болка е преголема.


Посебно кога Андреја како татко и како сопруг ни беше пред сè најдобар другар... Значи после тоа ни беше сопруг и татко“.

„Јас не можам да ви ја опишам со зборови таа врска што ја имаа Андреја и Јана, и верувам дека таа врска ќе остане како нешто нераскинливо и дури ниту јас како мајка – не можам тоа да го заменам.

Јана ќе го памети по многу работи бидејќи поголемиот дел од времето го поминуваа тие заедно, додека јас бев на работа. Беа деноноќно заедно, одеа и заедно на одмори, знаеја во сред недела да отпатуваат некаде и мене многу ми беше драго што остварија една таква врска, којашто е многу ретка“.