Пратеникот Зоранчо Јованчев изјави дека интерпелацијата кон министерот за земјоделство е обид за девалвирање на резултатите на Владата преку изнесување на лаги и невистини, при што потенцираше дека министерството вовело стратешки документи и продолжување на легализацијата на земјоделската механизација.
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоранчо Јованчев кој истакна дека целта на оваа интерпелација поднесена кон министерот за земјоделие е да се девалвира работата на министерот и Владата со изнесување на лаги и невистини.
„Денес зборуваме за интерпелација на министерот за земјоделие поднесена од страна на опозицијата каде целта е единствено да се девалвира работата и на министерот и на Владата со изнесување на лаги и невистини и обидувајќи се да ја замајуваат јавноста со бледи дискусии каде што ќе се претстават дека кога биле тие на власт сработиле нешто во коишто и самите тие не веруваат. Добриот министер за земјоделство не се оценува со бројот и начинот на изјавите коишто ги дава туку според вредностите и резултатите коишто ги постигнува, а за тоа најмалку може да зборувате вие коишто го уништивте земјоделието во Македонија, во периодот додека бевте на власт во изминатите седум години“, рече Јованчев.
Јованчев посочи дека Министерството за земјоделие вовело методологија за утврдување на производната цена на грозјето, документ што се оценува како стратешки значаен за лозарите.
„Овој министер еден од првите документи коишто ги изработи се тие кои донесе методологија за утврдување на производната цена на грозјето, документ од стратешко значење за лозарите каде што преку научна институција од областа на лозарството се утврдува производната цена на грозјето. За тоа можете и да ги видите цените на најзастапените сорти на грозје Вранец и Смедеревка и да направите разлика кои се цените со оваа власт и кои беа цените со владеењето на СДС. Во 2025 година, односно бербата на грозјето минатата година 19,1 денар за Смедеревката 21,3 денари за Вранецот, откупната цена во 2020 година за Смедеревката беше мизерни 3 денари, а додека Вранецот 4 денари“, рече Јованчев и додаде:
„Со законска измена оваа година овозможивме продолжување на легализацијата на тракторите и приклучната механизација до крајот на 2028 година и затоа упатувам апел до сите земјоделци коишто имаат ваква механизација, трактори, приклучна механизација да го искористат овој термин. Донесени се над 150 плански документи за регулирање на повеќе области од шумарството, рибарството, аквакултурата. Исто така оваа Влада односно министерот изградија партнерски однос и со сточарите и тутунарите, заради тоа е и зголемено производството на месо и млеко. А да ве потсетам дека кога си заминавте од власт, 17 месеци не им беа исплатени субвенциите на сточарите за предадено млеко, веднаш во најкраток временски рок, по преземањето на власта од ВМРО-ДПМНЕ овие субвенции се исплатија“.











