Зошто пропадна германско-францускиот проект за нов борбен авион?

Точка

09/06/2026

21:36

613

Големина на фонт

а а а

Тоа беше многу ветувачка идеја уште од времето на Ангела Меркел: Германија и Франција заеднички да произведат борбен авион. Но, по многу препирки и превирања, Мерц и Макрон го запреа престижниот проект за одбранбена соработка.

Уште во март, Емануел Макрон се обиде повторно да внесе доза оптимизам на маргините на самитот на Европската Унија. Запрашан за проектот за борбените авиони „ФЦАС“, францускиот претседател им рекол на новинарите дека разговарал за тоа со германскиот канцелар Фридрих Мерц: „Заедно решивме да се обидеме да ги зближиме Ербас и Дасо во текот наредните недели“.

Треба да се најде заеднички пат „многу мирно и со меѓусебно почитување“, рекол Макрон и нагласил: „Стратешката цел е јасна и околу неа постои консензус од сите вклучени“.


Уште тогаш изјавата на Макрон звучеше како последен обид некако да се избегне претстојниот неуспех на заедничкиот проект за борбени авиони. Претходно, процесот на наоѓање компромисно решение заврши без успех. Целта беше иста секој пат: преку политички притисок, повторно да се зближат двата завојувани индустриски партнери – воениот сектор на Ербас од германска страна и производителот на Рафал, Дасо, како француски партнер во проектот, пишува Дојче веле.

Само споредна улога за германските партнери?

Веќе околу една година, односите меѓу индустриските партнери се сериозно нарушени. Извршниот директор на Дасо, Ерик Трапиер, одненадеж многу јасно порачал дека сака да биде единствен главен партнер во проектот „ФЦАС“, како што рекол на прес-конференција за финансиските резултати на Дасо во февруари: „Од самиот почеток реков дека сакам јасно лидерство, не само на хартија“.

Зборувајќи за својот германски партнер, тој рекол дека кога работите заедно, едниот е подобар од другиот, а другиот учи. „Но, додека тие сè уште учат, не мора веднаш да ја преземат водечката улога“, додал тој.

Значи, само еден вид јуниорска улога за германските и шпанските партнери на Ербас? Постојат сомневања дека високо задолжената Франција сака да ја задржи контролата врз знаењето и распределбата на работата на добавувачите, додека германските партнери првенствено треба да го кофинансираат проектот од 100 милијарди евра.


Мерц станува сè поскептичен

Во меѓувреме во Германија, синдикатот „IG Metall“ започнал кампања и отворено повикал на прекин на соработката со Дасо. На конференцијата за деловни резултати на Ербас во февруари, извршниот директор Гијом Фори, исто така, посочил дека заедничкиот проект за борбени авиони е заглавен.

„Доколку нашите клиенти ни дадат овластување да го сториме тоа, ние би поддржале решение со два борбени авиони и би биле подготвени да ја преземеме водечката улога во таков реструктуриран ФЦАС“, рекол францускиот извршен директор на Ербас.

Во последните месеци, се чинеше дека германската страна го загубила трпението. Канцеларот Мерц сè повеќе демонстрираше скептицизам, на пример во февруари во поткастот „Machtwechsel“ рекол: „На Французите во следната генерација на борбени авиони им е потребен авион способен да транспортира нуклеарно оружје и да работи од носачи на авиони. На германскиот Бундесвер во моментов тоа не му е потребно“.

Потребите на германската и француската армија се различни, а профилите на барања се премногу различни, тврдел Мерц. Затоа според него, на крајот веројатно ќе треба да се развијат два различни борбени авиони за Германија и Франција.


Соопштение од Берлин, Париз реагираше подоцна

Затоа не е изенадувачки што веста за неуспехот прво дојде од Берлин, а не од Париз. Германски владини извори објавија дека канцеларот му предложил на францускиот претседател „откажување од понатамошниот развој на заедничкиот борбен авион“.

Потврдата од Елисејската палата дојде дури неколку часа подоцна, со додаток: „Германските власти веруваат дека повеќе не е можно да се врши понатамошен притисок врз вклучените компании“.


Изборот на зборови го открива несогласувањето. Начинот на комуникација претставува неславен крај на неуспешниот германско-француски престижен проект. Одбранбената соработка беше иницирана уште во 2017 година од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ) и новоизбраниот француски претседател Макрон.

На Германија ѝ е потребен нов партнер

Најавата дека Ербас и Дасо заеднички ќе развијат комуникациски систем, барем во развојот на идниот систем „Combat Cloud“ со беспилотни летала во рамките на ФЦАС, звучи како очаен обид да се зачува угледот на германско-француската соработка.


Германија сега пред сè ќе мора да бара нови партнери за развој на следната генерација борбени авиони. Колкава важност ќе имаат високо вооружените борбени авиони во ерата на војување со беспилотни летала, останува да се разјасни.