Пратеничката Ангелинка Петкова упати критики кон пратеникот Благоја Бочварски и претходната власт за непрофесионално раководење со земјоделскиот сектор, истакнувајќи протести, неисплатени плати и финансиски неправилности како дел од проблемите кои се соочија земјоделците за време на нивното владеење.
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова која упати реплика кон пратеникот Благоја Бочварски, обвинувајќи ја претходната власт за лошо менаџирање со земјоделскиот сектор и повеќегодишни проблеми со кои, како што рече, се соочувале земјоделците и институциите.
Обраќање на Петкова
Петкова во своето обраќање истакна дека за време на раководењето на СДС се случиле повеќе протести и блокади на земјоделци, наведувајќи конкретни датуми и настани поврзани со незадоволство од ниски откупни цени, високи трошоци и доцнења во исплатите.
„Почитуван колега Бочварски, во вашиот говор зборувавте за намалени субвенции за незадоволни земјоделци и за факти. Се јавив за реплика за да ве потсетам вас и јавноста како беше водено Министерството за земјоделие не толку одамна во ваше време и што правеа земјоделците во тој период. Мислите дека граѓаните брзо заборавија? Не, колега. Потсетувам на фактите од вашето владеење. 15-ти април 2022 година кочанските оризопроизводители излегоа на предупредувачки протест. 16-ти август 2022 година земјоделците ја блокираа Струмица поради високите цени на репро материјалите и ниските откупни цени. 20ти август 2022 кочанските оризопроизводители го блокираа патот Штип-Кочани поради незадоволството од ниските откупни цени на оризот. 2 септември 2022, трет месец по ред над 500 вработени од АД Водостопанство немаат земено плата и се без здравствено и пензиско осигурување. Состојбата во АД водостопанство е алармантна и е потребно веднаш да се реагира, а секако не се реагираше“, рече Петкова.
Финансиски неправилности
Петкова истакна дека во тој период биле присутни и финансиски неправилности поврзани со распределба на субвенции и поддршка за микропроизводители на вино, како и сомнежи околу спроведувањето на ИПАРД програмата. Таа ја спомена и т.н. „путер афера“, како и проблемите со контролите на цените и растот на цените на прехранбените производи, оценувајќи дека станува збор за период на сериозни економски предизвици.
Критики кон владеењето
„До крајот на вашиот мандат ги оставивте луѓето со неисплатени плати. Владата на ВМРО-ДПМНЕ со преземање на власта го реши овој проблем. Понатаму има уште, случајот со 820,000 евра финансиска поддршка за микропроизводители на вино во 2023. неправилности и политички влијанија во распределбата на средствата и проекти околу ИПАРД програмата, незаконска распределба на субвенции и грантови. Верувајте, граѓаните не ја заборавија и путер аферата поврзана со контролите на цените и инспекциските акции во периодот на двоцифрената инфлација и неконтролираниот раст на цените на прехранбените производи. Не заборавија и лозарите кои протестираа во Неготино барајќи повисоки цени за грозјето и така натаму. И после сите овие незадоволства, протести, скандали, имате образ да зборувате за некакви неправилности во работењето на министерот Трипуновски. Немате легитимитет да зборувате, затоа што народот пред две години си кажа кој треба да го води. Седете си мирно, ќе дојде ден на избори. Тогаш народот на Македонија повторно ќе каже кој треба да го води. Воедно сум сигурна нема да бидете вие и нема да биде СДС“, вели Петкова.















