Еден од симболите на јадранскиот брег, секако е населбата Ада Бојана сместена на вливот на реката Бојана во морето, а со децении беше позната како нудистички рај за туристи од сите земји од регионот, како и од Европа.
Препознатлива по својата впечатлива плажа, нереални зајдисонца и куќи на самиот брег, Ада Бојана долго време беше место во кое не е вложен ниту еден денар. Сега, по повеќе од три децении, работите конечно се менуваат на подобро. Новото раководство има големи планови, а некои од нив веќе почнале да се реализираат.

„Во согласност со стратегијата за развој што ја презентиравме минатата година, нашата цел е Ада Бојана да биде туристичка населба со четири ѕвездички до 2030 година. Ако продолжиме со ова темпо на развој, очекуваме да ја постигнеме оваа цел. Компанијата не беше соодветно управувана со децении, сега работите се менуваат. Верувале или не, постигнавме зголемување на приходите од 30 отсто во споредба со 2024 година. Започнавме со инвестиции кои беа клучни за да ја претставиме Ада во најдобро светло“, изјавил за РИНА, Арменд Мила директорот на ХТП Улцињска Ривиера.

Тој особено ги истакнал реакциите на долгогодишните гости кои се враќаат во Ада Бојана година по година.
„Имаме задоволство да разговараме со гости кои се враќаат со децении и кои секогаш изразуваат позитивни впечатоци за сè што сме направиле. Сакаме да ја вратиме Ада Бојана во времето на најголемата слава, тоа беа златните осумдесетти, кога некои луѓе во Европа не знаеја каде е Црна Гора, но знаеја каде е Ада Бојана“ истакнал тој.
Во соработка со Владата на Црна Гора, надлежното министерство и други државни институции, на Ада Бојана започна нов инвестициски циклус. Меѓу првите проекти било реновирањето на спортската инфраструктура.

„Минатата година, во соработка со Министерството за спорт и млади, ги реновиравме постојните спортски терени, кои беа во катастрофална состојба. Исто така, изградивме дигитална рампа за подобрување на безбедноста на гостите, што е особено важно со оглед на тоа што станува збор за нудистичко одморалиште каде што приватноста и безбедноста на гостите се приоритет“ објаснил Мила.
Потоа следувало реновирање на сместувачките капацитети.

„Почнавме со реновирање на постојните соби и со тоа ја дочекавме сезоната. Постигнавме раст на приходите од 30 отсто, но тоа не е крајот. Во текот на оваа година, реновирани се 20 соби на ниво со четири ѕвездички, реновирана е терасата на главниот ресторан, како и инвентарот во ресторанот Маестрал. Сè правиме во согласност со финансиските можности. Но, по 30 години без инвестиции, секој гостин кој ја посетува Ада Бојана чувствува нова енергија, нова позиција и нова вредност што Ада ќе ја понуди во иднина“, истакнал директорот.

Тој особено ја нагласил соработката со Јавното претпријатие Морско добро.

„Со Морско добро започнавме голем број иницијативи. Засега не можеме да зборуваме за деталите, но очекуваме дека со заеднички напори ќе успееме да ја обновиме таканаречената Стара Ада, која не е во функција од 1995 година. Станува збор за објекти кои со децении биле изложени на морето и целосно запоставени“ рекол Мила.

Тој додал дека целта на новиот менаџмент е Ада Бојана да го зачува својот идентитет и да остане она по што е препознатлива низ цела Европа – уникатен нудистички рај.
„Нашата крајна цел е да докажеме дека овој ресурс може да преживее како нудистичка населба, што е најважно и дека може да преживее како рај за сите посетители. И гостите што доаѓаат за прв пат ја чувствуваат енергијата што се создава во оваа населба“, порачал тој.

Дека Ада Бојана има посебен однос со своите посетители, потврдуваат и информациите што ги презентирал директорот.
„Имаме гости кои доаѓаат во Ада Бојана 35 години по ред и не пропуштиле ниту една година. Со цел да се зголеми посетеноста и да се вратат гостите од клучните европски пазари, претставниците на ХТП Улцињска Ривиера учествуваа на три меѓународни туристички саеми оваа година. Посебно внимание е насочено кон холандскиот пазар. Покрај тоа, беа потпишани значајни договори со германски партнери“, истакнал Мила.

По три децении стагнација, Ада Бојана – симбол на слободата, природата и нудистичкиот туризам по кој Црна Гора беше препознаена низ цела Европа – повторно влегува во фаза на развој. Со обновени сместувачки капацитети, инвестиции во инфраструктура, враќање на странски тур-оператори и планови за ревитализација на Стара Ада, менаџментот верува дека овој уникатен туристички бисер може да го врати статусот на еден од најважните и најатрактивните туристички производи на Црна Гора.















