Каде во Европа можете да пиете вода од чешма во рестораните? Пресудата од Италија повторно го отвори честото прашање на туристите

Точка

08/06/2026

18:14

507

Големина на фонт

а а а

Додека поединечни европски земји воведоа обврска за бесплатно послужување вода од чешма во рестораните и хотелите, Италија со судска пресуда потврди дека угостителите немаат таква обврска. Разликите во правилата низ Европа повторно ја отворија расправата за тоа дали водата е основно право или комерцијална услуга.

Најновата пресуда на италијанскиот Касационен суд потврди дека хотелите и угостителските објекти во Италија не се обврзани на гостите да им послужуваат бесплатна вода од чешма, за разлика од поголемиот дел од Европа.

Оваа одлука повторно ја отвори дебатата за правото на вода во рестораните и хотелите, особено во момент кога Европа е погодена од екстремни топлотни бранови и кога хидратацијата стана прашање од јавно здравје.

Случајот што доведе до пресудата се случил за време на божиќните празници во 2019 година во еден луксузен хотел во Доломитите. Гостинката имала аранжман вреден повеќе од 5700 евра со напомена дека „пијалаците не се вклучени“.


За време на вечерата побарала вода од чешма, но персоналот ѝ понудил само флаширана вода по цена од 7 евра, одбивајќи дури и можност да плати паушал за вода од чешма.

По правна битка низ повеќе судски инстанци, судот го отфрли нејзиното барање за отштета и потврди дека италијанскиот закон не ги обврзува рестораните и хотелите да послужуваат бесплатна вода од чешма.

Каква е состојбата во другите европски земји?

Ситуацијата во Европа е нееднаква и зависи од државата до држава.

Во Шпанија од 2022 година со закон е пропишано сите угостителски објекти бесплатно да понудат вода од чешма како алтернатива на флашираната вода, во рамки на политиката за заштита на потрошувачите и намалување на пластичниот отпад.

Португалија има сличен пристап – рестораните не смеат да наплатуваат вода од чешма ниту смеат да ја одбијат доколку гостинот ја побара. На тој начин правото на хидратација се третира како основна услуга во угостителството.


Во Франција постои долгогодишната практика „carafe d'eau“, според која рестораните мора бесплатно да послужат бокал вода со оброкот доколку гостинот нарача јадење.

Во Обединетото Кралство, бесплатна вода мора да биде достапна во сите објекти што имаат дозвола за продажба на алкохол, и тоа по барање на гостинот.

Од друга страна, во земји како Германија, Белгија и Холандија не постои законска обврска, па водата често се наплатува како и секој друг пијалак, а неретко е и поскапа од безалкохолните пијалаци или дури од пивото.