Министерството за правда ја демантираат тврдењето на Дејанчо Цветановски од ЛДП дека реформите во изборното законодавство се водат зад затворени врати, истакнувајќи дека тој активно учествува во сите средби и дискусии на работната група создадена за подготовка на измените во изборниот законик.
Министерството за правда констатира дека Дејанчо Цветановски од ЛДП пласира невистинити и тенденциозни тврдења во врска со работата на Работната група за подготовка на измените на Изборниот законик.
„Особено е нејасно како Цветановски зборува за процес што наводно се водел „зад затворени врати“, кога токму тој како претставник на ЛДП активно учествува во работата на групата, присуствува на состаноците и има можност директно да ги изнесе своите ставови и предлози.
Работната група функционира транспарентно, со учество на претставници на парламентарните политички партии и независни пратеници. Секој предлог и од институциите и граѓанскиот сектор е разгледуван и дискутиран, а процесот се води исклучиво во насока на усогласување на Изборниот законик со препораките на ОБСЕ/ОДИХР
Оттука, обидите за создавање перцепција дека процесот е нетранспарентен претставуваат политички спин кој не соодветствува со фактите. Факт е дека Цветановски беше дел од дискусиите, ги слушна сите аргументи и имаше еднаква можност како и останатите учесници да придонесе во процесот.
Министерството за правда останува посветено на инклузивен, отворен и демократски процес и ги повикува сите учесници наместо политички квалификации да придонесуваат со конструктивни предлози во интерес на граѓаните и на изборниот систем“, велат од Министерството преку допис до медиумите.







