[ФОТО] Се бара итна реакција од надлежните - Жител на Кратово апелира: Жена наплаќа влез на диво на локалитетот „Камени кукли“, туристи плаќале и по 20 евра

Точка

08/06/2026

19:45

861

Големина на фонт

а а а

Кратовчанецот Марио Станојковски предизвика бројни реакции на социјалните мрежи со објавата во врска со пристапот до локалитетот „Камени кукли“ кај Кратово, еден од најпознатите природни феномени во Македонија.

Тој тврди дека посетителите се соочуваат со наплата за влез и ограничувања при посетата на ова природно богатство, поради што побара реакција од надлежните институции.

Според Станојковски, при последната посета повторно му бил оневозможен пристап до локалитетот од страна на, како што наведува тој, драска и арогантна жена што физички турка и на дозволува влез. Во својата објава тој наведува дека разговарал со туристи од Косово кои му кажале дека платиле по 10 евра за влез, додека при нивна претходна посета сумата изнесувала 20 евра по лице.

Тој посочува дека на посетителите им било кажано дека станува збор за приватен имот, поради што тие ја прифатиле наплатата без дополнителни прашања.

По објавувањето на неговиот статус, голем број граѓани споделија сопствени искуства во коментарите. Дел од нив тврдат дека им биле побарани пари за влез, а други велат дека не им било дозволено да го посетат локалитетот.

Еден од коментаторите наведува дека при посета со семејството бил пречекан од жена која побарала надомест за влез, образложувајќи дека земјиштето е приватна сопственост. Друг посетител тврди дека за семејна посета му била побарана сума од 240 денари, а по расправија по што решил да се откаже од разгледувањето.


Во дел од сведоштвата се споменуваат и средби со полициски службеници на патот кон локалитетот. Според објавените коментари, некои посетители биле советувани да се вратат поради недоразбирања поврзани со наплатата на влез.

Станојковски ги повика медиумите и институциите да извршат увид на терен и да утврдат дали има неправилности во управувањето со пристапот до локалитетот.

Тој тврди дека располага со фотографии и видеоматеријали кои, според него, ги поткрепуваат изнесените наводи и побара случајот да биде јавно разгледан.


Засега нема официјална реакција од надлежните органи во однос на овие тврдења. 

Локалитетот „Камени кукли“ е еден од најпрепознатливите природни феномени во Македонија. Сместен во близина на Кратово, тој претставува значајна туристичка атракција која секоја година привлекува голем број домашни и странски посетители.