Пејачот и добитник на Греми награда, Талај Рајли, беше избоден до смрт во источен Лондон. Во инцидентот беше повреден и уште еден маж, а полицијата приведе три лица поврзани со нападот.
Пејачот и текстописец Талај Рајли, чие вистинско име е Марк Орабији, почина на 35-годишна возраст откако бил избоден во источен Лондон, објави Скај њуз.
Полицијата соопшти дека музичарот бил пронајден со убодни рани во населбата Силвертаун во петокот и починал на местото на нападот.
Рајли беше добитник на Греми награда и соработуваше со голем број познати изведувачи, меѓу кои Дуа Липа, Бритни Спирс и Ели Голдинг. Во текот на кариерата настапувал и на турнеи со Ашер.
Во истиот инцидент бил избоден уште еден маж на дваесетина години, кој е хоспитализиран, но неговите повреди не се опасни по живот.
Во врска со случајот се приведени три лица. Еден 27-годишен маж е пуштен со кауција, додека 24-годишен маж и 25-годишна жена се ослободени по полициското испрашување.







