Меурчињата под лупа: Дали газираната вода е подеднакво здрава како и обичната?

Точка

07/06/2026

16:34

766

Големина на фонт

а а а

Сè поголемата популарност на газираната вода како алтернатива на засладените пијалаци отвори бројни прашања за нејзиното влијание врз здравјето. Иако несомнено е подобар избор од соковите, експертите анализираат дали меурчињата можат да им парираат на придобивките што ги нуди обичната, негазирана вода.

Во последните години сме сведоци на вистинска експанзија на газираната вода. Од класичните минерални води до оние со различни ароми, потрошувачите сè почесто посегнуваат по пенливото освежување како поздрава алтернатива на газираните сокови и другите засладени пијалаци.

Оваа промена на навиките е за поздравување, бидејќи намалувањето на внесот на шеќер директно го намалува ризикот од дебелина, дијабетес тип 2 и срцеви заболувања. Сепак, иако меурчињата им годат на сетилата, во јавноста често се водат дебати дали газираната вода навистина е безопасна.

Се поставуваат прашања за влијанието на газираната вода врз хидратацијата, здравјето на забите, густината на коските и дигестивниот систем.


Хидратација – дали меурчињата прават разлика?

Основното прашање е дали газираната вода го хидрира организмот исто толку ефикасно како и обичната вода. Науката има јасен одговор – да.

Бројни студии, вклучително и анализа објавена од Американското здружение за срце, потврдуваат дека нема значајна разлика во способноста за хидратација меѓу овие два вида вода.

„За многу луѓе кои не го сакаат вкусот на обичната вода, газираната варијанта може да биде одличен сојузник и да придонесе за количината течности што ја внесуваат секој ден. Привлечноста на меурчињата може да ги поттикне луѓето да пијат повеќе вода во текот на денот и така да останат соодветно хидрирани“, објаснува д-р Колин Муњос, професор по здравствени науки на Универзитетот во Хартфорд.

Карбонизацијата создава чувство на ситост, што може да биде корисно за контрола на апетитот, но истовремено може да го намали чувството на жед. Во одредени ситуации тоа може да доведе до помал внес на течности отколку што навистина му се потребни на организмот.

Овој факт е особено важен во текот на жешките летни денови или за време на интензивни физички активности, кога потребата за вода е зголемена. Поради тоа, се препорачува комбинирање на двата вида вода за да се обезбеди оптимална хидратација.


Митови за коските и забите

Еден од најупорните митови е дека газираните пијалаци „извлекуваат“ калциум од коските и ја намалуваат нивната густина. Ова верување најверојатно потекнува од познатата Фремингемска студија за остеопороза од 2006 година, која ја поврза консумацијата на напитоци од типот на кола со намалена густина на коските кај постари жени.

Сепак, клучниот збор е „кола“. Истражувачите заклучиле дека проблемот не е во карбонизацијата, туку во фосфорната киселина која се наоѓа во овие пијалаци.

Обичната газирана вода не ја содржи оваа киселина и научните докази не ја поддржуваат тезата дека таа на кој било начин му штети на здравјето на коските.

Од друга страна, загриженоста за здравјето на забите е пооправдана, но бара прецизно објаснување. Во процесот на карбонизација, јаглерод диоксидот во водата се претвора во слаба јаглеродна киселина, што ја намалува pH вредноста на водата на околу 5 или 6, додека неутралната вредност изнесува 7.


Оваа киселост технички може да ја оштети забната глеѓ.

Американската стоматолошка асоцијација оваа киселост ја класифицира како „минимално корозивна“. За споредба, газираните сокови со шеќер и овошните сокови имаат значително пониска pH вредност и се многу поагресивни кон забната глеѓ.

За да се сведе ризикот на минимум, стоматолозите советуваат газираната вода да се пие за време на оброк, да не се консумира постојано во текот на денот и по пиењето устата да се исплакне со обична вода.


Влијание врз варењето и контролата на телесната тежина

Газираната вода има и одредени придобивки за дигестивниот систем. Истражувањата покажале дека може да ја подобри способноста за голтање и кај помлади и кај постари лица.

Некои студии укажуваат и на позитивно влијание кај лица со проблеми со варењето.

Меурчињата го поттикнуваат чувството на ситост, што значи дека храната подолго останува во желудникот. Овој ефект може да биде корисен за луѓето кои сакаат да ја контролираат телесната тежина, бидејќи може да помогне во намалување на вкупниот внес на калории.


За некои придобивка, за други проблем

Поради карбонизацијата, газираната вода може да предизвика надуеност и гасови кај чувствителни лица. На луѓето кои страдаат од синдром на нервозно дебело црево (IBS) или се склони кон киселини и гастроезофагеална рефлуксна болест (GERD) генерално им се препорачува да избегнуваат или да го ограничат внесот на газирани пијалаци.

Изборот помеѓу газирана и обична вода најмногу зависи од личниот вкус, индивидуалните потреби и здравствената состојба.

Најважниот совет е секогаш внимателно да се чита декларацијата. Вистинската опасност не се крие во меурчињата, туку во состојките што понекогаш се додаваат во шишето – шеќер, вештачки засладувачи или високи количества натриум.

Чистата, незасладена газирана вода е безбедна и здрава опција за хидратација.