Фолксваген: Бензинците ќе завршат како коњите, луѓето сами ќе преминат на струја

Точка

06/06/2026

18:49

3.202

Големина на фонт

а а а

Директорот на Фолксваген за продажба и маркетинг верува дека купувачите сами ќе преминат на електрични автомобили, исто како што пред повеќе од сто години ги прифатиле автомобилите и ги напуштиле коњите како превозно средство.

Дебатата за иднината на автомобилите често се сведува на едно прашање: дали треба да се забрани продажбата на нови возила со бензински и дизел-мотори? Во Фолксваген сметаат дека тоа е погрешен пристап.


Германскиот производител верува дека преминот кон електрични автомобили ќе се случи по природен пат, без оглед на забраните и регулативите. Според нивното мислење, луѓето со текот на времето сами ќе заклучат дека електричните автомобили се подобро решение, исто како што пред повеќе од сто години автомобилите постепено ги замениле коњите.

Електричните автомобили веќе ја освојуваат Европа

Иако често се создава впечаток дека електричната револуција оди побавно од очекуваното, продажните резултати покажуваат поинаква слика.


Според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), дури 20,9 отсто од сите нови автомобили регистрирани во Европа во првите четири месеци од 2026 година биле целосно електрични модели. Тоа значи дека секој петти нов автомобил продаден годинава во Европа бил без мотор со внатрешно согорување.

„Не ги сакам расправите за забрана на мотори“

Мартин Сандер, член на Управниот одбор на Фолксваген задолжен за продажба, маркетинг и постпродажба, смета дека премногу енергија се троши на расправи за забрани, а премалку на истакнување на предностите на електричните автомобили.

Во разговор за „Auto Express“, тој направил интересна паралела со почетокот на автомобилската ера.


„Со текот на времето, сè повеќе луѓе сфатија дека автомобилот едноставно е подобро превозно средство од коњот. Денес гледам низ прозорецот и гледам многу малку коњи, главно автомобили. Затоа не ги сакам расправите за забрана на моторите со внатрешно согорување. Сите зборуваат само за забрана“, рекол Сандер.

Според него, луѓето сами ќе ја прифатат новата технологија кога ќе ги сфатат нејзините предности, а не затоа што законот ги принудува на тоа.

Бензинците би можеле да станат реткост како коњите

Сандер верува дека истото ќе се случи и со автомобилите на бензин и дизел.


Како што електричните модели ќе стануваат попрактични, подостапни и технолошки понапредни, купувачите сè почесто сами ќе ги избираат. Во такво сценарио, моторите со внатрешно согорување постепено ќе станат реткост, слично како што коњите денес главно се резервирани за спорт, рекреација или традиција.

Што ќе биде со планот на Европската унија?

Сандер се осврнал и на првичниот план на Европската унија, според кој од 2035 година требаше да биде забранета продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување.

Под притисок на автомобилската индустрија, ЕУ во меѓувреме го ублажи својот став, па одредени модели со бензински и дизел-мотори ќе можат да останат на пазарот и по тој датум.


Сепак, европските производители до 2035 година ќе мора да ги намалат просечните емисии на CO₂ на своите возни паркови за дури 90 отсто во однос на 2021 година, што значително го ограничува просторот за класичните мотори.

Клучни се полначите и цената на енергијата

Фолксваген смета дека иднината на електричната мобилност најмногу ќе зависи од инфраструктурата.

Според нивното мислење, потребно е забрзано ширење на мрежата на полначи и намалување на трошоците за електрична енергија. Кога електричниот автомобил ќе стане поедноставен и поисплатлив за користење, купувачите, сметаат во Волфсбург, ќе го избираат без никаков притисок од регулаторите.

Таквиот пристап се темели на едноставна идеја: повеќето луѓе не сакаат нешто да им се наметнува, но со задоволство прифаќаат промени кога во нив гледаат јасна корист.


Иако Фолксваген верува дека иднината е електрична, во компанијата се свесни дека преминот нема да биде моментален.

Продажбата на автомобили со бензински и дизел-мотори и понатаму го финансира развојот на нови електрични модели, а многу традиционални производители сè уште остваруваат значително поголема заработка од класичните автомобили отколку од електричните.