„Jeep“ започна необична промотивна кампања по повод Светското првенство во фудбал.
Американската компанија ветува дека ќе подели 100 нови модели "Wrangler", но под еден услов – репрезентацијата на САД мора да ја освои титулата светски шампион.
Право на учество имаат исклучиво жители на САД кои официјално се викаат Џорџ Вашингтон. Тие можат да се пријават преку специјално креирана интернет-страница, а првите 100 верификувани учесници ќе добијат по еден „Jeep Wrangler 2026" доколку американската репрезентација направи големо изненадување и го освои Мундијалот.

Сепак, шансите за такво сценарио се минимални. Обложувалниците проценуваат дека САД имаат околу 1,2 проценти веројатност да станат светски шампиони, па многумина сметаат дека станува збор за маркетиншка кампања која компанијата веројатно нема многу да ја чини.
Правилата се исклучително строги – името мора да биде точно Џорџ Вашингтон, без какви било варијации, а учесниците мора да поседуваат важечка возачка дозвола на која е наведено токму тоа име. Вработените во „Stellantis“, „Jeep“ и поврзаните компании, како и членовите на нивните семејства, немаат право на учество.

Потенцијалните добитници би го добиле основниот модел „Jeep Wrangler Sport S“ со две врати, чија почетна цена во САД изнесува околу 39.700 долари. Сите дополнителни опции би требало сами да ги платат.
Според проценките, во моментов во САД живеат меѓу 300 и 400 лица кои го носат името на првиот американски претседател, па дури една четвртина од нив би можеле да си заминат дома со нов „Wrangler“ – под услов да се случи едно од најголемите изненадувања во историјата на светскиот фудбал.










