Формиран Регионален хаб за спортска дипломатија: МОК го става спортот во функција на развојот, инвестициите и регионалната соработка во Западен Балкан

Точка

03/06/2026

18:53

114

Големина на фонт

а а а

Скопје стана центар на нова регионална иницијатива која има амбиција да го стави спортот во служба на дипломатијата, економскиот развој и поврзувањето на земјите од Западен Балкан. На иницијатива на Македонскиот олимписки комитет (МОК), во Скопје е формиран Регионален хаб за спортска дипломатија, прва ваква формална платформа во регионот која ќе ги обединува националните олимписки комитети, спортските институции и партнерските организации во насока на развој на заеднички проекти и нови можности за соработка.

Иницијативата на МОК стана реалност на Националната конференција „Спортска дипломатија: политики, практики и идни можности за стратешка употреба на спортот во унапредување на националните и дипломатските интереси“, која денеска се одржа во Скопје во организација на МОК и на која учествуваа претставници на олимписките комитети од регионот, амбасадори, меѓународни организации, претставници на институциите и академската заедница.


Формирањето на платформата за спортска дипломатија е официјализирано со Декларација што ја потпишаа претставници на националните олимписки комитети на Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Косово и Албанија, кои се обврзаа преку спортската дипломатија да придонесуваат за јакнење на регионалните врски, развој на спортскиот туризам, промоција на националните брендови, поттикнување на трговската размена и создавање нови инвестициски можности.

Потписниците на Декларацијата ја истакнаа заедничката определба спортот да се користи како инструмент за градење доверба, разбирање и пријателство меѓу народите, но и како двигател на поширок општествен и економски развој на регионот. Преку соработка меѓу спортистите, спортските работници и институциите, платформата ќе работи на иницијативи од заеднички интерес кои ќе придонесат за поголема регионална поврзаност и меѓународна конкурентност на земјите од Западен Балкан.


- Спортот ја има таа магија да обединува и да гради мостови таму каде што понекогаш другите механизми не успеваат. Нашата цел е таа сила да ја преточиме во конкретни активности, партнерства и резултати. Со формирањето на хабот сакаме да покажеме дека спортот не е само најдобар амбасадор на државите, туку и платформа преку која можат да се откриваат и развиваат економските потенцијали на регионот, да се привлекуваат инвестиции и да се создаваат нови можности за соработка - изјави претседателот на МОК, Даниел Димевски.

Тој истакна дека хабот ќе претставува место каде спортските организации ќе ги поврзуваат институциите, бизнис-заедницата и дипломатските претставништва околу заеднички развојни иницијативи.


- Често велиме дека спортот е најдобар амбасадор, но ако тоа не се преточи во конкретни дејства останува само флоскула. Затоа сакаме преку овој хаб да ја покажеме вистинската моќ на спортот, а тоа е да создава нови партнерства, отвора нови пазари и придонесува за развој на државите и регионот - додаде Димевски.

Конференцијата испрати јасна порака дека спортската дипломатија претставува современа алатка за јакнење на регионалната соработка и меѓународната видливост на државите, а новоформираниот Регионален хаб за спортска дипломатија ќе биде платформата преку која оваа визија ќе се претвора во конкретни проекти, иницијативи и партнерства.