Италијанската кујна е многу повеќе од едноставно комбинирање состојки — таа е вистинска уметност со длабоко вкоренета традиција, особено кога станува збор за паста.
Сепак, повеќето од нас пораснале со кулинарски навики кои секој роден Италијанец би го натерале да се фати за глава, како кршење на шпагети на пола за да соберат во тенџерето.
За да се реши вечната дилема што е правилно, а што не, врвни италијански готвачи откриле кои се најчестите, а воедно и најлошите грешки што ги правиме при подготовка на паста. Сите тие се согласуваат во едно: ако сакате совршена паста, овие грешки веднаш мора да ги исфрлите од вашата кујна.

Своите професионални тајни ги споделија Силвија Барбан, извршна шефица на њујоршкиот ресторан „LaRina Pastificio & Vino“, Џохана Хелригл, сопственичка на познатиот ресторан за северноиталијанска кујна „Ama“ во Вашингтон, и Џошуа Фриас, главен готвач на калифорнискиот ресторан „Naples Ristorante e Bar“.
Три грешки при подготвувањето тестенини
Ставање маслиново масло во водата
Ова е веројатно најраспространетиот мит на нашите простори. Многу домаќинки веруваат дека малку масло во врелата вода ќе спречи лепење на тестенините. Шефовите во кујна се согласни — тоа е една од најголемите заблуди.
„Апсолутно ме ужаснува кога гледам како луѓето ставаат маслиново масло во водата додека се вари пастата, мислејќи дека така нема да се залепи. Тоа воопшто не е точно! Единствено што постигнувате е залудно трошење на квалитетно масло“, јасна е готвачката Силвија Барбан.
Џохана Хелригл ја објаснува и научната страна на оваа грешка. Маслото плови на површината на водата и нема никаков ефект за време на варењето. Меѓутоа, проблемот настанува кога ќе ја процедите пастата: тоа масло потоа ја обложува и создава масна бариера, поради која ниту еден сос не може да се спои со тестенините, туку само се лизга од нив на дното на чинијата.
Кршење шпагети на пола
Кршењето на долгата тестенина пред да ја ставите во тенџере за Италијанците буквално е болно за гледање.
„Долгата тестенина е долга со добра причина. Нејзината должина е клучен дел од целосното уживање во јадењето, начинот на кој се навива на вилушка и како го собира сосот. Да се скрши шпагета е знак на чиста нетрпеливост“, истакнува Хелригл.
Сепак, главниот готвач Џошуа Фриас наведува дека постои само една оправдана ситуација кога овој „грев“ е дозволен.

„Како шеф кој е специјализиран за италијанска кујна, кршењето на тестенини ми е чист злостор. Меѓутоа, како татко на четиригодишна ќерка, морам да признаам дека често токму јас сум тој што ги крши за детето полесно да јаде“, искрен е Фриас.
Испирање на сварената тестенина со ладна вода
Уште еден стар трик што проверено го уништува ручекот е испирањето на пастата под млаз ладна вода по цедењето. Шеф Фриас нагласува дека на овој начин се испира драгоцениот скроб од површината на тестото, со што неповратно се уништуваат нејзината текстура, вкус и целокупниот впечаток на јадењето.
До лепење не доаѓа затоа што пастата не е измиена, туку поради мали пропусти: варење во премало тенџере, недоволно мешање на самиот почеток или затоа што тестенините предолго стојат суви пред да се соединат со сосот.













