Една скриена плажа во Јужен Девон (Обединето Кралство) стана вирална откако турист покажа необичен пат по кој се стигнува до неа.
Плажата Нес Ков во Шалдон изгледа како сцена од филм, но пред посетителите да стигнат до морето, мора да поминат низ историскиот „Тунел на шверцерите“, тесен и малку морничав премин со накосени патеки и скали што водат директно кон брегот, пишува „Mirror“.

Каков е тој премин?
Иако сите го нарекуваат „Тунелот на шверцерите“, неговата историја не е целосно јасна. Според локалната легенда, низ него некогаш тајно се пренесувале работи од брегот кон селото, поради што и го добил мистериозното име. Но постојат и други објаснувања: некои веруваат дека тунелот служел како практичен премин до плажата, додека се споменува и теоријата дека во 19 век бил изграден за сопствениците на блиската куќа „Ness House“.

Токму таа нејасна граница меѓу легендата и реалноста му дава дополнителен шарм на целото место. Денес посетителите не минуваат само кон плажата, туку низ премин што изгледа како почеток на мала авантура.

Снимката што на ТикТок ја споделил профилот @ukhiddengems брзо го привлече вниманието на корисниците. На неа се гледа мрачен премин низ карпите, а многумина признаа дека таков влез би ги исплашил. Сепак, оние што веќе го посетиле Нес Коув (Ness Cove) тврдат дека патот и тоа како вреди, бидејќи на крајот од тунелот се отвора поглед кон една од најубавите скриени плажи во тој дел на Англија.
Скриениот бисер на Јужен Девон
Според туристичката организација „Visit South Devon“, Нес Коув се смета за едно од најскриените и најживописните места на брегот на Јужен Девон. Заливот е сместен меѓу високи карпи што го штитат од ветер и гужва, поради што многу посетители велат дека таму владее посебно чувство на мир.
Плажата се наоѓа недалеку од популарните места како Тејнмут и Торки, но за разлика од попознатите летувалишта, Нес Коув привлекува луѓе што бараат нешто потивко и помалку комерцијално. Главно е покриена со камчиња, благо се спушта кон морето и е популарна меѓу капачите, но и меѓу оние што сакаат само да прошетаат, да ги фотографираат карпите или да уживаат во погледот.

Дел од нејзиниот шарм секако е и самото пристигнување. „Тунелот на шверцерите“ со години е една од најголемите атракции на ова место. Иако името асоцира на приказни за шверцери, денес пред сè претставува необична знаменитост што на посетителите им дава чувство како да влегуваат во таен залив.
„Шшшш, не кажувајте никому“
Откако снимката стана вирална, коментарите брзо се наполнија со реакции од луѓе што сакаат да ја посетат плажата. Но се јавија и оние што би сакале Нес Коув да остане локална тајна.
„Таму поминав многу среќни денови кога бев дете пред 50 години“, напиша едно лице. Друго додаде: „Плажата Нес… шшшш, не кажувајте никому. Го обожаваме тоа место.“
Кај некои тунелот разбудил спомени од детството. Еден посетител се присетил како неговите браќа го плашеле криејќи се во преминот и излегувајќи ненадејно пред него.

Плажата има одлични рецензии и на „TripAdvisor“. Еден посетител ја опишал како „најнеобичната, но и најпријатната прошетка до плажа“ што ја доживеал, додека друг напишал дека станува збор за „прекрасна широка плажа“ која е помалку посетена од другите во близина.
Иако виралната популарност значи дека ова лето би можела да привлече повеќе туристи од вообичаено, Нес Коув и понатаму делува како место што тешко може случајно да се пронајде.

Токму затоа Нес Коув повеќе наликува на мала авантура отколку на класично одење на капење. Нема beach bar-ови, лежалки ниту гужва како на популарните јадрански плажи, туку камчиња, високи карпи и чувство дека случајно сте пронашле место што не требало да се најде на туристичката мапа.













