Американската технолошка компанија „Meta“ покрена премиум месечна претплата за своите апликации „Instagram“, „Facebook“ и „WhatsApp“, која на корисниците им нуди дополнителни функционалности во рамки на пакетот „Plus“.
Компанијата соопшти дека корисниците кои ќе се претплатат на „Instagram Plus“, „Facebook Plus“ или „WhatsApp Plus“ за неколку долари месечно добиваат дополнителни опции како персонализација на профилот, напредни реакции и подетална аналитика на содржината, пренесува „TechCrunch“.
Претплатниците на „Instagram Plus“ за 3,99 долари месечно добиваат функции како увид во повторните прегледи на „стори“, проширени листи на публика, продолжено времетраење на „стори“ содржините и напредни опции за преглед и контрола на тоа кој ја гледа содржината.

„Facebook Plus“ за 3,99 долари месечно нуди слични функции, додека „WhatsApp Plus“, по цена од 2,99 долари, е фокусиран на персонализација на апликацијата, теми, дополнителни истакнати разговори и прилагодување на пораките.
Покрај основните „Plus“ пакети, „Meta“ воведува и тестирање на нови претплати под брендот „Meta One“, кој опфаќа пошироки професионални и AI услуги за корисници, креатори и компании.

Што уште добиваат корисниците со претплатата?
Корисниците со претплата ќе добијат поголем компјутерски капацитет, понапредни одговори и напредни AI функции, вклучувајќи и генерирање содржина.
„Meta AI“ ќе остане бесплатно достапен за основните корисници, но напредните функции ќе бидат дел од платените пакети, по примерот на другите AI сервиси кои наплатуваат дополнителни капацитети.

Компанијата од Менло Парк воведува и специјални пакети кои вклучуваат поголема видливост во резултатите од пребарување, подобра аналитика и алатки за раст на публика и монетизација на содржина.
Сите основни функции на „Instagram“, „Facebook“ и „WhatsApp“ и понатаму ќе останат бесплатни за корисниците кои немаат претплата, порачуваат од „Meta“.










