„Citroën“ го потврди враќањето на еден од најпознатите автомобили во својата историја.
Легендарниот „2CV“, кај нас попознат како „Спачек“, се враќа во целосно ново издание — како достапен електричен градски автомобил.
Првиот тизер на новиот модел беше прикажан за време на Денот на инвеститорите на „Stellantis“ во Мичиген, а враќањето официјално го потврди шефот на „Citroën“, Ксавиер Шардон.
„2CV“ се враќа – порача Шардон.

Електричниот „Спачек“ пристигнува во 2028 година
Новиот „2CV“ би требало да се произведува во Италија од 2028 година, во фабриката на „Stellantis“ во Помиљано, каде што ќе се произведува и новата генерација на „Fiat Panda“.
Целта е да се создаде електричен автомобил за широка публика, со почетна цена помала од 15.000 фунти, односно приближно 17.500 евра.
„Citroën“ засега не ги открива сите детали, но најавената силуета покажува дека новиот модел силно ќе се потпира на изгледот на оригиналниот „2CV“ од 1948 година.
Препознатливата заоблена линија на покривот и едноставната форма би требало да добијат модерна електрична интерпретација.
„Производите сами по себе не создаваат икони. Иконите создаваат емоција. Иконите ги поврзуваат брендовите со луѓето. А денес една икона се подготвува да се врати. Да, „Deux Chevaux“ се враќа – изјави Шардон.

Автомобил за реалниот живот
„Citroën“ сака новиот „2CV“ да има слична улога како оригиналот по Втората светска војна — да понуди достапна мобилност за голем број луѓе.
Овојпат, целта е демократизација на електричните автомобили.
„Осумдесет години подоцна, новиот „2CV“ ќе ја демократизира електричната мобилност“, порача Шардон.
Тој додаде дека тоа ќе биде „вистински народен автомобил дизајниран за реалниот живот“.
Новиот електричен „Спачек“ е дел од планот „FASTlane 2030“ на „Stellantis“, вреден повеќе од 60 милијарди евра.

Стратегијата вклучува повеќе од 60 нови модели до крајот на деценијата, меѓу кои и 29 целосно електрични автомобили.
„Citroën“ до 2030 година ќе претстави седум нови модели, а новиот „2CV“ би требало да биде еден од најважните бидејќи брендот повторно го враќа во сегментот на достапни автомобили, во кој историски бил особено силен.
Целосното претставување на новиот модел се очекува во октомври на Саемот за автомобили во Париз.









