Виеира го посочи играчот на сезоната во тимот на Артета и заклучи: Овој тим на Арсенал може да доминира со години!

Дерби

27/05/2026

10:45

494

Големина на фонт

а а а

Патрик Виеира не беше баш најубеден дека Арсенал може да го победи Манчестер Сити во битката за титулата, но кога конечно се случи тоа, кај Французинот преовладува големо олеснување.

Славниот играч за врска потенцира дека овој тим на Микел Артета ја направил најтешката работа оваа сезона, односно го скршил мразот и сега не гледа ниту една причина зошто оваа генерација на Шпанецот не би доминирала со години во Премиер лигата.

– Како и секој фан на Арсенал, бев многу среќен и горд изминатиот викенд. Ова беше долго патување за сите нас, долго ја немавме освоено Премиер лигата, но Артета стави крај на тоа. Беше навистина емотивно, сезоната не беше воопшто лесна и со години тимот мина низ низа предизвици и сопки.

– Играчите минаа низ тежок период, се соочија со огромен притисок, но на крајот успеаја да го подигнат трофејот. Тоа беше момент на олеснување за сите нас. Се надевам дека овој тим на Артета сега може да доминира со години во Премиер лигата. Нам не ни успеа тоа, но овој тим поседува млади играчи кои веќе стекнаа искуство. Не гледам зошто не би доминирале во Премиер лигата во годините кои претстојат, – потенцира Виеира, кој смета дека Деклан Рајс е играч на сезоната.

– Во Вест Хем беше добар играч, но во Арсенал прерасна во топ играч. Фактот што сега игра со топ играчи, направи значително да напредува во својата игра. Има лидерски капацитети, неговиот глас се слуша на теренот и ми се допаѓа како се однесува кога не тимот не му оди баш најдобро. Изгледа навистина импресивно од првиот ден кога го облече дресот на Арсенал, гледам зрелост и смиреност во неговата игра. Што е најдобро, се уште гледам простор за напредок. Сметак дека може да постигнува уште повеќе голови и да забележува уште повеќе асистенции, – потенцира Виеира.